Со победи, можеби и со ремија Ајакс, Баерн, Бенфика, Манчестер сити, Реал, Јувентус и Манчестер јунајтед, вечерва може да обезбедат пласман во осминафиналето сезонава и да ѝ се придружат на Барселона
По двонеделната пауза поради завршните натпревари од групната фаза во Лигата на нациите (ЛН), вечерва и утревечер на програмата се дуелите од петтата рунда по групи во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). По четирите кола само Барселона обезбеди пласман во осминафиналето, а големи шанси да ѝ се придружат по вечерашните мечеви имаат и гигантите од калибарот на Ајакс, Баерн, Бенфика, Манчестер сити, Реал, Јувентус и Манчестер јунајтед, се разбира, доколку забележат победи или ремизираат.
Баерн, кој е прв во групата Е со 10 бода, со победа или со реми дома над Бенфика, и со евентуален пораз на Ајакс од АЕК во Атина, ќе ја обезбеди првата позиција. Од другите комбинаторики, Бенфика само со победа (ги загуби претходните три меча во Минхен) останува во „игра“ за освојување едно од првите две места. АЕК, кој е без ниту еден бод по четирите кола го пречекува Ајакс, кој е без пораз сезонава во еврокуповите (шест победи и четири ремија), од кого ги загуби минатите три меча.
Пред промоција меѓу најдобрите 16 се Манчестер сити (девет бода) на кој му е доволен и еден бод во дуелот на гости против Лион (шест бода), кој, пак, со три бода оди во нокаут-фазата. Хофенхајм (три) и Шахтар (два бода) меѓу себе ќе решаваат за третата позиција и за настап во Лига Европа (ЛЕ).
Во групата Г, Рома и Реал се неприкосновени и вечерашниот дуел може да реши која екипа ќе биде прва. ЦСКА во Москва го пречекува Плзен и со победа ќе ги задржи шансите за евентуален пласман во осминафиналето, односно да ги продолжи мечевите во ЛЕ. Слична е ситуацијата и во групата Х во која се издвоија Јувентус и Манчестер јунајтед. Валенсија е пред тешка мисија, односно треба да го совлада вечерва Јувентус во Торино, за ги задржи шансите за пласман во осминафиналето. Манчестер јунајтед со победа над Јанг бојс и со пораз на Валенсија е сигурен осминафиналист.
Вечерашните мечеви почнуваат во 21 часот, освен дуелите АЕК – Ајакс и ЦСКА – Плзен, кои се од 18.55 часот.