До неодамна мислев дека наскоро ќе се повлечам. Но сега ми се чини дека ќе се пензионирам многу подоцна, вели Гвардиола

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели дека веројатно ќе остане во професијата многу подолго отколку што очекувал. Гвардиола (49) претходно зборуваше за тоа дека нема предолго да остане во фудбалот бидејќи има и други интересирања во животот.
– До неодамна мислев дека наскоро ќе се повлечам. Но сега ми се чини дека ќе се пензионирам многу подоцна – изјави Гвардиола, пишува „Би-би-си“.
Гвардиола лани во ноември потпиша нов двегодишен договор со Сити со кого од 2016-та освои шест големи трофеи, две титули во Премиер-лигата, ФА-купот и три Лига-купа.
Петте години работа на Гвардиола во Сити се најдолги во еден клуб во неговата менаџерска кариера. Пред да дојде во Сити, Гвардиола четири години беше тренер на Барселона и три на Баерн. Но тој не е расположен за разговори за освојувањето нова, трета титула со Сити.

– Ако малку се размисли за тоа што може да се случи во јануари, во февруари, тогаш е јасно дека сите опции се отворени. Во Премиер-лигата секој натпревар е тежок и подобро е да бидете смирени. Луѓето со кои разговарав пред да дојдам тука ми велеа дека во Премиер-лига секој може да загуби од секого. Но тоа не го видов и не го почувствував сѐ досега. Сега првпат гледам во Премиер-лигата еден тим да прими седум гола и да загуби, а потоа да постигне седум гола, да победи, потоа да одигра нерешено. Резултатите се крајно непредвидливи – вели Гвардиола, чиј тим синоќа му гостуваше на Челси.
Меѓу другите, сезонава конкурент на Сити за титулата му е и големиот градски ривал Манчестер јунајтед, кој последниве неколку недели игра во одлична форма.
– Не сум загрижен за Јунајтед, бидејќи сум фокусиран на она што треба да го направам и она што можам да го направам со моите играчи – вели Гвардиола.