Податоците за сезоната 2020/2021, кои ќе бидат објавени следната година, сигурно ќе покажат многу полоша слика, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Од почетокот на пандемијата пред една година, фудбалот се игра зад затворени врати и ќе продолжи на тој начин најрано до мај. Поради затворените стадиони, клубовите во Европа имаа големи загуби на денот на натпреварите. Во последното јануарско издание на „Фудбалската лига на пари“, „Делојт“ пишува дека 20 врвни европски клуба имале за 12 отсто помали приходи во споредба со минатата сезона, што е пад од 9,3 милијарди на 8,2 милијарди евра, во завршните месеци од кампањата.
Податоците за сезоната 2020/2021, кои ќе бидат објавени следната година, сигурно ќе покажат многу полоша слика, пишува „Скај спорт“. „Делојт“ очекува англиската Премиер-лига да биде најмногу погодена, проценувајќи дека финансиските загуби ќе бидат речиси двојно повисоки од оние во другите европски големи лиги.
– Премиер-лигата генерира најголеми приходи и нема да биде изненадување што ќе претрпи најголемо негативно влијание. Никој не знае кога гледачите ќе се вратат на стадионите, но ако претпоставиме дека тоа ќе биде во почетокот на сезоната 2021/2022, тогаш влијанието врз Премиер-лигата ќе биде во рамките од околу 1,6 милијарда евра помали приходи – изјави за „Скај спорт“, Тим Бриџ, директор во деловната спортска група на „Делојт“.
Последните квартални финансиски резултати на Манчестер јунајтед, објавени пред неколку дена, покажуваат дека долгот на клубот се зголемил за 16 проценти, пишува „Скај спорт“. Тоа во голема мера се објаснува со падот на приходите на денот на одигрување на натпреварите, на само 1,5 милион фунти (1,65 милион евра) во октомври, ноември и во декември, што е за 95,5 отсто помалку во споредба со минатата година, кога изнесуваше 33,1 милиони фунти (38,6 милиони евра), пишува „Скај спорт“.

Ваквата ситуација се одрази и на потрошувачката во јануарскиот преоден рок. Клубовите од Премиер-лигата потрошија само 84,2 милиони фунти (околу 100 милиони евра) што е речиси тројно помалку од 233-те милиони фунти во минатата година.
Еден од начините за справување со финансиската криза клубовите го гледаат во намалување на високите плати на фудбалерите и во намалувањето на нивниот број. Што се однесува до големите трансфери, до и над 100 милиони евра, процените се дека ќе ги има и понатаму, затоа што некои играчи се имуни на пазарните законитости.
– Летово, мислам дека ќе биде повозбудливо отколку во јануари. Клубовите ќе потрошат повеќе пари, но тоа ќе биде насочено кон придобивање конкретни играчи како засилување за составите и, веројатно, ќе нема т.н. тактички трансфери како во други времиња. За оние што имаат солидни резерви на готовина и можност за трошење на трансфер-пазарот, тоа може да значи дека играч што претходно чинел 100 милиони ќе го добијат за помалку. Мислам дека ќе видиме и многу клубови како прават размена на играчи – вели Бриџ.