Ваквата одлука на италијанската влада е за запирање на ширењето на коронавирусот, а уредбата се однесува на сите области од земјата, вклучувајќи ги и оние каде што нема случаи на заразени со вирусот
Во Италија сите спортски натпревари, меѓу кои и во фудбалската Серија А, до 3 април, ќе се играат зад затворени врати, во обид да се запре ширењето на коронавирусот, соопшти Владата, на чело со премиерот Џузепе Конте. Италија е најтешко погодена европска земја, со околу 3.090 заразени и 107 смртни случаи. Уредбата се однесува на сите области од земјата, вклучувајќи ги и оние места и региони каде што нема случаи на заразени со вирусот.
– Ќе нема спортски натпревари со присуство на публика за да се спречи натамошното ширење на заразата. Спортските натпревари од сите видови, на јавни и приватни места, се суспендирани. Но дозволено е тие да се одржуваат зад затворени врати, или на отворено, без публика. Здруженијата и спортските клубови, преку својот медицински персонал, должни се да извршат соодветни проверки заради спречување евентуално ширење на вирусот кај спортистите, техничките лица, тренерите итн. – пишува во уредбата на Владата.
Во Серија А многу мечеви беа одложени наместо да се играат без навивачи. Сепак, по состанокот на клубовите и претставници на Серија А, главниот извршен директор на Интер, Џузепе Марота, изјави дека играњето без публика можеби е единствениот начин за завршување на сезоната во Серија А. Јувентус треба да го игра реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) со Лион на 17 март во Торино. Минатиот четврток, мечот Интер – Лудогорец во Лига Европа (ЛЕ) се играше зад затворени врати.
Министерството за здравство на Шпанија, исто така, најави дека фудбалските натпревари во кои се инволвирани италијански тимови ќе се играат на празни стадиони, вклучувајќи го и реваншот во осминафиналето во ЛШ, Валенсија – Аталанта, на 10 март. Шпанските власти соопштија и дека натпреварот во ЛЕ Хетафе – Интер, во јужниот дел од Мадрид, на 19 март, исто така ќе се игра без публика. Првиот натпревар треба да се игра на 12 март во Милано. Неколку кошаркарски натпревари помеѓу шпански и италијански клубови овој месец, исто така, ќе се играат пред празни трибини.
Без самослик и без ракување
Во англиската фудбалска Премиер-лига на клубовите им е наложено да ја истакнат важноста на хигиената во врска со коронавирусот. Њукасл забрани ракувања на тренинзите, потег што го следеа Саутемптон, Вест Хем и Вулверхемптон, кои ги советуваа играчите да не прават самослик со навивачите и да не потпишуваат автограми сѐ додека не се промени ситуацијата.
Германската Борусија Дортмунд, исто така, им порача на играчите и на персоналот да не потпишуваат автограми и да не позираат за самослик, а тренинзите ги направи затворени за јавноста. Шкотската фудбалска асоцијација им наложи на клубовите нивните играчи да не се ракуваат пред и по натпреварите. Американската кошаркарска НБА-лига, исто така, ги замоли своите играчи да избегнуваат да потпишуваат разни предмети, но им дозволи да се поздравуваат со навивачите со стисната тупаница, наместо да се ракуваат.