Вајналдум (Холандија) постигна осум гола во квалификациите за ЕП 2020

Македонија ќе игра во групата Ц, во Букурешт со Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни, како и во Амстердам со Холандија на 21 јуни. Во статијата на УЕФА за групата Ц од избраниците на селекторите Де Бур, Шевченко и Фоде се издвоени Вајналдум, Депај, Де Јонг, Јармоленко, Циганков, Арнаутовиќ и Бамугартнер

ФУДБАЛ

Осум месеци подоцна од планираното, поради пандемијата на ковид-19, конечно беа комплетирани репрезентациите што ќе настапат на завршниот турнир на 16. Европско првенство (ЕП) во фудбал. Меѓу последните четири селекции што се пласираа на ЕП по плејофот во Лигата на нациите (ЛН) беше и Македонија, која првпат ќе игра на финален турнир на едно големо натпреварување (од плејофот се пласираа и Шкотска, Унгарија и Словачка).
Турнирот што требаше да се одржи од 12 јуни до 12 јули летово е презакажан за периодот од 11 јуни до 11 јули 2021 година, а на него ќе настапат 24 репрезентации, кои треба да одиграат 51 натпревар во 12 града домаќини низ Европа. Засега останува непознато дали на гледачите ќе им биде дозволено да присуствуваат на натпреварите поради глобалната здравствена криза. Портпаролот на УЕФА повторно потврди дека се планира турнирот да се одигра како што е предвидено, во 12 града во Европа, со публика на трибините, и оти е прерано да се шпекулира за какви било промени.
Македонија ќе игра во групата Ц, во Букурешт со Австрија на 13 јуни и со Украина на 17 јуни, како и во Амстердам со Холандија на 21 јуни. Во продолжение УЕФА кратко ги претстави ривалите на Македонија.

Холандија, европскиот првак од 1988 година, која ги пропушти ЕП 2016 и СП 2018 година, што е нејзино најдолго отсуство од големите натпреварувања од средината на 80-тите години на минатиот век, без поголеми проблеми ги мина квалификациите во групата Ц (забележа шест победи и по еден пораз и реми) и е главен фаворит за освојување на првото место во групата, што води во нокаут-фазата. Најдобар стрелец со осум гола, по малку изненадувачки, беше Џорџинио Вајналдум, играчот од средниот ред на Ливерпул. На функцијата селектор е Франк де Бур, кој во септември годинава го замени поранешниот соиграч од Барселона, Роналд Куман. Де Бур претходно беше тренер на Ајакс, Интер, Кристал палас и на Атланта јунајтед. „Лалињата“ имаат голем избор на квалитетни играчи, од одбраната до нападот, каде што најмногу се очекува од Мемфис Депај, напаѓачот на Лион. Во средниот ред главен е младиот Френки де Јонг од Барселона.
Украина „прошета“ низ групата А, не загуби ниту еден натпревар, забележувајќи шест победи и две ремија. Најдобар стрелец со четири гола беше Роман Јаремчук. Селекторот Андриј Шевченко, одличниот напаѓач што со Милан триумфира во Лигата на шампионите во 2003 година и следната година ја освои „златната топка“, создаде одличен тим, во кој клучен играч е Андриј Јармоленко, главната креативна сила во неговиот тим и покрај тоа што не се наигра сезонава во Вест Хем. Внимание заслужува и младиот играч од средниот ред, 22-годишниот Виктор Циганков од Динамо Киев. Украинците првпат директно се квалификуваа на ЕП. Претходно на ЕП 2012 влегоа како кодомаќини со Полска, а на ЕП 2016 се пласираа по триумфот над Словенија во баражот.

Австрија беше втора во групата Г (скор шест победи, едно реми и три порази), а прв стрелец беше Марко Арнаутовиќ со шесте гола, главниот играч во австриската селекција, кој моментно игра во Кина. Селектор од 2018 година е Германецот Франко Фода, кој поголемиот дел од тренерската кариера го помина во Штурм. Австријците големи надежи полагаат и во Кристоф Баумгартнер, офанзивниот играч за врска на Хофенхајм, кој има одличен преглед на играта и прецизно додавање. Австрија нема победа на голем турнир 30 години, од Светското првенство во 1990 година, кога ги совладаа САД со 2-1. 


ГРУПА Ц ХОЛАНДИЈА

Најдобар стрелец во квалификациите: Џорџинио Вајналдум (осум гола)
Најголем успех на ЕП: првак во 1988 година
ЕП 2016: не настапи
Селектор: Франк де Бур
Клучен играч: Мемфис Депај
Фудбалер во фокусот: Френки де Јонг
Дали сте знаеле: Холанѓаните не настапија на Европското првенство во 2016 година и на Светското првенство во 2018-та. Тоа е нивно најдолго отсуство од големите турнири од средината на 80-тите години на минатиот век, кога го обележаа своето враќање со освојување на ЕП 1988.

УКРАИНА
Најдобар стрелец на квалификациите: Роман Јаремчук (четири гола)
Најголем успех на ЕП: групна фаза во 2012 и во 2016 година
ЕП 2016: групна фаза
Селектор: Андриј Шевченко
Клучен играч: Андриј Јармоленко
Фудбалер во фокусот: Виктор Циганков
Дали сте знаеле: Ова е првпат Украина да се квалификува директно на ЕП. Тие настапија како кодомаќини на ЕП 2012, а потоа ја победија Словенија во баражот за да стигнат до настанот во 2016 година.

АВСТРИЈА
Најдобар стрелец на квалификациите: Марко Арнаутовиќ (шест гола)
Најголем успех на ЕП: групна фаза во 2008 и во 2016 година
ЕП 2016: групна фаза
Селектор: Франко Фода
Клучен играч: Марко Арнаутовиќ
Фудбалер во фокусот: Кристоф Баумгартнер
Дали сте знаеле: Поминаа повеќе од три децении од последната победа на Австрија на едно големо натпреварување, совладувајќи ги САД со 2-1 на Светското првенство во 1990 година.
Извор: УЕФА

ГРУПИ, ГРАДОВИ, СТАДИОНИ
ГРУПА А: Италија, Швајцарија, Турција, Велс
Рим (стадион „Олимпико“, капацитет 68.000) и Баку (Олимписки, 69.000)
ГРУПА Б: Белгија, Русија, Данска, Финска
Санкт Петербург („Крестовски“, 61.000) и Копенхаген („Паркен“, 38.000)
ГРУПА Ц: Украина, Холандија, Австрија, Македонија
Амстердам („Јохан Кројф“, 54.000) и Букурешт (Национална арена, 54.000)
ГРУПА Д: Англија, Хрватска, Чешка, Шкотска
Лондон („Вембли“, 90.000) и Глазгов („Хемпден парк“, 51.000)
ГРУПА Е: Шпанија, Полска, Шведска, Словачка
Билбао („Сан Мамеш“, 53.000) и Даблин (арена „Даблин“, 51.000)
ГРУПА Ф: Германија, Франција, Португалија, Унгарија
Минхен („Минхен“, 70.000) и Будимпешта („Ференц Пушкаш“, 68.000)


Идниот европски првак може да заработи до 34 милиони евра

Репрезентациите учеснички на Европското првенство (ЕП) во фудбал в година ќе поделат рекордни 371 милион евра, што е за 23 отсто повеќе од минатото ЕП, во 2016 година во Франција (301 милион евра), кога првпат настапија 24 земји. За споредба, наградниот фонд на првото ЕП во новиот милениум, во 2000 година, изнесуваше 109 милиони евра.
Секоја репрезентација за учеството на ЕП 2020 ќе добие по 9,25 милиони евра, плус дополнителни 1,5 милион евра за победа во групната фаза и по 750.000 евра за реми. За пласманот во осминафиналето, 16-те репрезентации ќе добијат дополнителни два милиони евра, за пласманот во четврт-финалето нови 3,25 милиони, а за полуфиналето по пет милиони евра. Шампионот ќе добие 10 милиони, а поразениот во финалето седум милиони евра. Новиот европски првак максимално може да заработи 34 милиони евра. Шампионот на ЕП 2016, Португалија, заработи 25,5 милиони евра.