ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) назначи 99 службени лица за натпреварите (25 судии, 50 помошни судии, 20 службени лица за системот видеопомошник-судија, ВАР, и четири судии за поддршка) од 51 земја за олимписките фудбалски турнири во Токио годинава.
Подготовката на назначените претставници на мечевите за овие важни натпреварувања редовно и внимателно ќе се следи пред и за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) од тим технички тренери, вклучувајќи судии на ФИФА и инструктори за системот видеопомошник-судија (ВАР), тренери за фитнес, физиотерапевти и спортски научници, обезбедувајќи им на судиите најдобра можна подготовка и поддршка, пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Олимписките фудбалски турнири за мажи и за жени, кои ќе вклучуваат употреба на системот ВАР, првпат на едни олимписки игри, за официјалните лица на натпреварите се следниот важен чекор на патот до Светското првенство за фудбалери во 2022 година во Катар и Светското првенство за фудбалерки во Австралија и во Нов Зеланд во 2023 година, пишува ФИФА.