Во историјата на ова признание на „Франс фудбал“, кое се доделува од 1956 година, само 10 фудбалери го добиле повеќе од еднаш, а „златната топка“ ја освоиле вкупно дваесет и петмина

Аргентинецот Лионел Меси, напаѓачот на Барселона, е добитник на „златната топка“ на францускиот „Франс фудбал“ за 2019 година, шести пат во кариерата, според англискиот весник „Дејли мејл“, кој веста ја објави пред официјалното (синоќешно) доделување на признанијата во Париз. „Мејл“ објави дека Меси, кој во септември беше прогласен и за фудбалер на годината според Светската фудбалска федерација (ФИФА), добил 446 гласа, 46 повеќе од Вирџил ван Дајк, центархалфот на Ливерпул.
Ван Дајк, кој беше „темелот“ врз кој Ливерпул го изгради триумфот во Лигата на шампионите (ЛШ) и кој беше прогласен за најдобар играч годинава според Европската фудбалска унија (УЕФА), рече дека „нема губитници“ во оваа конкуренција и оти сите ја заслужуваат наградата.

– Постои причина зошто сум во тоа друштво, а тоа е поради игрите за мојот тим Ливерпул и за мојата земја. Многу сум горд, бидејќи малкумина успеваат да забележат слични успеси – изјави Ван Дајк.
„Златната топка“ е едно од најпопуларните, исто така и едно од најпрестижните признанија во светот на фудбалот. Наградата генерално е резервирана за најдобриот меѓу најдобрите на фудбалските терени во претходната година. До 2007 година наградата се засноваше само врз гласовите на фудбалските новинари, но потоа одговорностите се проширија и на селекторите и на капитените на националните тимови.

Во историјата на ова признание, кое се доделува од 1956 година (прв добитник е Стенли Метјуз), само 10 фудбалери го добиле два и повеќе пати (вкупно биле наградени 25 фудбалери). Прв е легендата на Реал Алфредо ди Стефано, во 1957-та, потоа и во 1959 година. Потоа следуваа Јохан Кројф, Франц Бекенбауер, Кевин Киген, Карл-Хајц Румениге, Мишел Платини, Марко ван Бастен, Роналдо, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
Ланскиот добитник на ова признание, Лука Модриќ, годинава не беше ниту меѓу 30-те номинирани.


ДОБИТНИЦИ НА „ЗЛАТНАТА ТОПКА“ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНАШ
ФУДБАЛЕР ЗЕМЈА ПРИЗНАНИЈА
Лионел Меси Аргентина 5
Кристијано Роналдо Португалија 5
Мишел Платини Франција 3
Јохан Кројф Холандија 3
Марко ван Бастен Холандија 3
Франц Бекенбауер Германија 2
Роналдо Бразил 2
Алфредо ди Стефано Аргентина 2
Кевин Киген Англија 2
Карл-Хајнц Румениге Германија 2
добитниците се заклучно
со 2018 година