Предлогот, за кој треба да се изјасни уште германската влада, е натпреварите да продолжат на 9 мај, без публика. Стадионите би биле поделени на три зони и во нив би имало најмногу 322 лица, а неделава ДФЛ им испрати на клубовите и документ со 31 упатство за тренинзите
ФУДБАЛ
Германската Бундес-лига треба да биде првата голема европска фудбалска лига што ќе се рестартира по прекинот поради пандемијата на коронавирусот.
– Бундес-лигата е подготвена да продолжи, без разлика дали тоа ќе биде на 9 мај или подоцна. Од нас не зависи точниот датум. Политичарите ги донесуваат одлуките – изјави извршниот директор на Германската фудбалска лига (ДФЛ), Кристијан Сајферт.
Предлогот, за кој треба да се изјасни уште германската влада, е мечевите да продолжат на 9 мај, без публика.
Според плановите на работната група, стадионите би биле поделени на три зони и на нив би имало најмногу 322 лица, максимум по околу 100 во секоја зона. Во внатрешната зона ќе бидат 22 играчи на теренот, 18 фудбалери на клупите, петте судии и 53 други лица. Трибините се сметаат за втора, а пределот околу стадионот за трета зона.
„Би-би-си“ пренесува дека се проценува дека ќе бидат потребни околу 20.000 теста за проверка на играчите и на тренерите неделно, помеѓу тренинзите и пред секој натпревар. Во моментов на располагање се 640.000 теста неделно во Германија, а на Бундес-лигата 1 и 2 би им биле потребни околу 0,5 отсто од овие тестови, пишува „Би-би-си“.
Во меѓувреме, повеќето екипи продолжија со тренинзите. Фудбалерите на лидерот, Баерн, тренираат од 6 април, поделени во помали групи заради одржување на физичката дистанца. Играчите на Лајпциг тренираат од 2 април, а на Борусија Дортмунд ги почнаа индивидуалните тренинзи два дена порано.
Неделава ДФЛ им испрати на клубовите и документ со 31 упатство за тренинзите. Меѓу другото, клубовите треба да организираат тест-центри за коронавирус за играчите и за членови на персоналот. Употребата на соблекувалната е дозволена само ако играчите влегуваат во мали групи и доколку останат оддалечени два метра еден од друг.
Тимските оброци, генерално, се забранети. Клубовите ветија дека ќе ги почитуваат овие правила, со надеж дека ќе можат да се вратат на терените и да ја завршат сезоната.