Сите планови за играње мечеви пред гледачи во сезоната 2020/2021 треба да ги имаат предвид условите на стадионите и ширењето на коронавирусот на локалното подрачје, вели извршниот директор на Бундес-лигата, Кристијан Сајферт

ФУДБАЛ

Германската фудбалска Бундес-лига работи со Владата на Германија на планот за враќање на гледачите на стадионите за време на пандемијата на коронавирусот, изјави нејзиниот извршен директор Кристијан Сајферт, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.
– Масовните собири и настани де факто се исклучени до 31 октомври, освен ако немаат концепт за хигиена и ако не е можно да се контролираат присутните. Работиме во тие насоки и веќе има некои првични размислувања што ги разменуваме со Министерството за здравство – изјави Сајферт за неделникот „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“.

Германија беше првата голема европска фудбалска лига каде што на 16 мај, во екот на пандемијата, продолжија натпреварите без публика. Последниот натпревар сезонава, вториот плејоф-дуел за опстанок, Вердер – Хајденхајм, требаше да се одигра синоќа. Сајферт рече дека сите планови за играње натпревари пред гледачи во сезоната 2020/2021 треба да ги имаат предвид условите на стадионите и ширењето на коронавирусот на локалното подрачје. Тој, исто така, ги пофали навивачите за покажаната „голема дисциплина“, затоа што не се собираа надвор од стадионите кога се играа натпреварите.

Германските медиуми објавија и дека бундеслигашките клубови ја проучуваат идејата за играње натпревари со намален број гледачи на трибините и со почитување на правилото за физичка дистанца. Локалните здравствени власти во Лајпциг објавија дека го одобриле планот на арената „Ред бул“ на мечевите на Лајпциг да можат да присуствуваат до 21.000 гледачи, или 50 отсто од капацитетот, со задолжителни маски и празни седишта меѓу гледачите, јави новинската агенција ДПА.
Локалните власти имаат широки овластувања во Германија за време на пандемијата, но не е јасно дали Лигата би им дозволила на некои екипи да играат натпревари пред гледачи доколку другите бидат принудени да играат на празни стадиони.