Сакаме повеќе, не можеме само да застанеме и да бидеме задоволни, изјави Матвиенко, а Пикфорд вели: „Треба да останеме максимално концентрирани. За да се победува на ова ниво, треба да се даде сѐ од себе. Навивачите беа фантастични на мечот со Германија, затоа сакаме пак да играме на ’Вембли’“
Англија во вечерашниот меч со Украина во Рим ќе игра за пласман во првото полуфинале на фудбалските европски првенства (ЕП) по 1996 година. Англичаните ги добија сите четири меча на ЕП 2020, со вкупна гол-разлика 4-0. За Украинците ова е прво четврт-финале на третиот настап на ЕП. Англија, која 10-ти пат е на ЕП, има позитивен биланс на досегашните седум меѓусебни меча со Украина (четири победи, две ремија и еден пораз), но некои од претходните мечеви на ова ЕП покажаа дека се можни секакви изненадувања. Голманот на Англија, Џордан Пикфорд, имаше неколку одлични одбрани на дуелот со Германија и е еден од најдобрите во тимот на овој турнир.
– Треба да останеме максимално концентрирани. За да се победува на ова, ниво треба да се даде сѐ од себе. Го гледавме мечот на Украинците со Шведска, ги имаме сите потребни информации за нив од нашиот стручен штаб, во кој има врвни психолози, физиотерапевти, спортски научници, аналитичари, кои на селекторот му ги ставаат на располагање сите можни информации што му се потребни. Навивачите беа фантастични на мечот со Германија, затоа сакаме повторно да играме на „Вембли“ – вели Пикфорд.
Клучен играч во нападот на Англија се покажа Рахим Стерлинг, кој постигна три гола (еден постигна Хари Кејн). На претходните 20 меча за Англија, Стерлинг постигна 15 гола.
Пласманот меѓу осумте најдобри е огромен успех за Украина, но сакаме повеќе, не можеме само да застанеме и да бидеме задоволни. Во оваа фаза сѐ може да се случи и веруваме дека можеме да одиме понатаму. Англија е фаворит, има квалитетни фудбалери, кои играат на високо ниво – изјави дефанзивецот Микола Матвиенко, еден од петтемина фудбалери на Украина што ги одиграа сите минути на ова ЕП.
Големи надежи во нападот, Украинците полагаат во Андриј Јармоленко, играчот на Вест хем.