Во првиот натпревар во квалификациите за ЕП 2020 Македонија игра против Летонија, во Скопје, на 21 март, а потоа ѝ гостува на Словенија, во Љубљана, на 24 март
Мислам дека влегуваме добро подготвени во овие квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Фокусот ни е на првиот меч против Летонија, очекувам да победиме и со три бода да ги почнеме квалификациите. Нема поголеми промени во составот, како што веќе најавував, главно тоа се играчи што беа дел од репрезентацијата во минатите две-три години и што успешно одигра во Лигата на нациите лани. Мислам дека сме добро уигран состав што знае што сака на теренот, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, на вчерашната средба со новинарите пред почетокот на квалификациите за ЕП 2020.
Македонија е во групата Г, заедно со Полска, Австрија, Израел, Летонија и со Словенија. Црвено-жолтите првиот меч го играат против Летонија, во Скопје, на 21 март, а потоа ѝ гостува на Словенија во Љубљана, на 24 март.
– На играчки план, во репрезентацијата повторно се Дарко Велковски, кој е стандарден во Риека, како и младите Кире Маркоски и Дарко Чурлинов. Стефан Спировски и Иван Тричковски се под знак прашалник поради повредите, кога ќе дојдат, ќе видиме дали ќе можеме да сметаме на нив и дали ќе има потреба да повикуваме некои други фудбалери. Аријан Адеми отпадна поради повреда, а пред неколку дена беше и опериран. Но немам намера да се жалам, од она што ми е на располагање, ќе се обидам да извлечам максимум, да одиграме најдобро што можеме и да забележиме добри резултати – вели Ангеловски.
Селекторот Ангеловски не сакаше многу да говори за Летонија, велејќи дека, пред сѐ, е концентриран на тоа како ќе игра Македонија, а потоа на квалитетите на противникот.
– Не можам во детали да зборувам за Летонците, главно во селекцијата се играчи од домашното првенство, од неодамна имаат и нов селектор (Словенецот Славиша Стојановиќ – н.з.), добро го познавам, тој своевремено беше и селектор на Словенија, тренер на Црвена звезда, станува збор за квалитетен стручњак. Имавме доволно време да ги анализираме претходните натпревари на Летонија, како и екипите што во минатото ги предводеше Стојановиќ и останува да видиме како тој ќе ја постави играта. Но мислам дека нема шанси да ни приреди некое изненадување на тактички план – вели Ангеловски.
Собирот на репрезентативците е закажан за 18 март напладне во Скопје, а првиот тренинг од 18.45 часот на терените на Фудбалската федерација на Македонија во населбата Ново Лисиче.
Летонија играше на ЕП 2004, а сега на 16 меча има само две победи
Фудбалската репрезентација на Летонија има еден настап на европските првенства, во 2004 година, во Португалија. Во циклусот квалификации за Светското првенство лани во Русија, селекцијата на Летонија го освои петтото место, со седум бода, при што двапати победи со Андора и ремизира на гости со Фарски Острови, а загуби по двапати од Португалија, Швајцарија и од Унгарија и еднаш од Ф. Острови (дома).
Во Лигата на нации, Летонија играше во лигата Д, каде што во групата 1 беше трета, зад Грузија и зад Казахстан, а пред Андора, без ниту една победа и со четири ремија (по двапати со Андора и со казахстан) и два пораза. Вкупно на 16 меча Летонија забележа две победи, пет нерешени и девет порази, со вкупна гол-разлика 9-24. Истовремено, Македонија на 16 меча забележа осум победи, две ремија и шест порази, со вкупна гол-разлика 29-20.