Во четврт-финалето, денеска играат Тунис – Буркина Фасо и Камерун- Гамбија, а утре Египет – Мароко и Сенегал – Екваторијална Гвинеја

ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА

На Купот на нациите на Африка, викендов на програмата се четирите четвртфинални натпревари. Во двата денешни дуела играат Тунис – Буркина Фасо и Камерун – Гамбија. Тунис беше непредвидлив и е единствениот четврт-финалист што загуби два меча, но и Буркина Фасо не беше на највисоко ниво, победи и загуби по еднаш, а двапати ремизира. Камерун, петкратниот шампион и домаќин на турнирот, постигна девет гола на четири натпревари, најмногу од сите, но е и единствениот четвртфиналист што прими гол на секој меч. Дебитантот Гамбија пријатно изненади и е непоразена, примајќи само еден гол, од пенал.
Утрешната пресметка Египет – Мароко, меѓу северноафриканските гиганти се смета за дерби во оваа рунда. Египет покажа цврстина во одбраната, а во нападот се потпира врз Мохамед Салах, кој досега постигна само еден гол. Мароко има верба во напаѓачите Јусеф Ен-Несири и Софијан Буфал, како и во стручњакот за слободни удари, бекот на ПСЖ, Ахраф Хакими.
Сенегал, кој е единствениот четвртфиналист што постигна четири гола од игра, на голот го има Едуар Менди од Челси, во одбраната центархалфот на Наполи, Калиду Кулибали, и Садио Мане од Ливерпул. Екваторијална Гвинеја верува во ново изненадување откако го елиминира Мали, а претходно го победи сѐ уште актуелниот првак Алжир.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Гамбија – Камерун 17 ч
Буркина Фасо – Тунис 20 ч
Египет – Мароко утре, 16 ч
Сенегал – Екв. Гвинеја „утре, 20 ч