Најтрофејниот македонски клуб Вардар, по натпреварот со Шкендија одигран во Тетово, се јави со свое соопштение во кое, како што пишува, се жали на националистичките испади на публиката, фрлањето тврди предмети кон нив, како и на фактот што на стадионот немало македонско знаме, што е спротивно на правилата на ФФМ

ФУДБАЛ – СООПШТЕНИЕ НА ФК ВАРДАР ПО НАТПРЕВАРОТ СО ШКЕНДИЈА

Фудбалскиот клуб Вардар изминатиот викенд за првпат беше поразен во пролетниот дел од Првенството на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) од Шкендија 0-3, на гостувањето во Тетово. Најтрофејниот македонски клуб по натпреварот се јави со свое соопштение во кое, како што пишува, се жали на националистичките испади на публиката, фрлањето тврди предмети кон нив, како и на фактот што на стадионот немало македонско знаме, што е спротивно на правилата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Соопштението ви го пренесуваме во целост.
– На натпреварот во Тетово, повторно бевме сведоци на срамни националистички испади, како и на употребата на тврди предмети упатени кон фудбалерите на Вардар. Сепак, тоа што најмногу нѐ револтираше, беше отсуството на македонското знаме, кое според пропозициите на ФФМ е задолжителен декор кој мора да ги краси сите стадиони. Би сакале да посочиме дека за разлика од крајно нецивилизираното однесување на навивачите на Шкендија, сепак управата на тетовскиот клуб се потруди пред сѐ околу приемот на нашата екипа, а потоа и во однос на смирувањето на страстите на трибините, но за жал не успеа. Како клуб реагиравме за неодамнешните идентични испади на стадионот во Чаир, сега реагираме за испадите во Тетово. Се прашуваме до кога?! Се прашуваме и ги прашуваме пред сѐ надлежните институции, а потоа и сите останати чинители кои денес го претставуваат македонскиот фудбал. Затоа што немањето реакција, не е само одлика на непрофесионализам, туку и на согласност. Затоа да реагираме и да го вратиме мак-фудбалот на нормалните патеки – стои во соопштението на најтрофејниот македонски клуб, ФК Вардар.
Во следното натпреварувачко коло (денеска) Вардар го игра градското дерби против екипата на Работнички.