МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ
- Поканата, која пристигна од кабинетот на Перез, беше да го проследат заедно фудбалскиот натпревар Реал Мадрид – Валенсија. Богоевски е легенда на одбојкарската екипа на Реал Мадрид, каде што настапуваше со огромен успех во раните 80-ти години на минатиот век, пишува МОК
Големината на еден клуб се мери не само по неговите трофеи туку и по начинот на кој ги третира своите поранешни ѕвезди, а Реал Мадрид не ги заборава своите легенди и уште еднаш докажа дека е гигант во секоја смисла, приредувајќи специјален пречек за една од најголемите легенди на македонскиот спорт, поранешниот одбојкар Владимир Богоевски, информира Македонскиот олимписки комитет (МОК). Богоевски имаше ексклузивна средба со моќниот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез, а поканата, која пристигна од кабинетот на Перез, беше да го проследат заедно фудбалскиот натпревар од шпанската Примера помеѓу Реал Мадрид и Валенсија, пишува МОК. Од свечената ложа на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, Богоевски и Перез уживаа во фудбалската претстава и во победата на домаќинот.
Богоевски е легенда на одбојкарската екипа на Реал Мадрид, каде што настапуваше со огромен успех во раните 80-ти години на минатиот век. Оваа средба не е само куртоазен гест, туку длабоко признание за придонесот на Богоевски за шпанскиот клуб, а разговорот помеѓу двајцата спортски великани поминал во пријателска атмосфера, со евоцирање спомени од минатото, но и со разговор за идните спортски предизвици, пренесе МОК. Богоевски со оваа посета уште еднаш го потврди својот висок углед во меѓународните спортски кругови, а гестот на Перез е големо признание за кариерата на Богоевски, но и за македонскиот спорт во целина, пишува МОК. Г.И.

































