Фото: ЕПА

Дојдов за да се пласираме, а не да барам изговори ако не го сторевме тоа. И вистинската работа почнува сега, сега навистина можам да работам, рече Спалети, кој планира повеќе промени во начинот на кој функционира националниот фудбалски тим

ФУДБАЛ

Откако го избегнаа плејофот, сега почнува „вистинската работа“ за фудбалската репрезентација на Италија и за селекторот Лучијано Спалети, а тоа вклучува сѐ, од дронови и апликации за паметни телефони до вечери и тешки натпревари, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Италија го обезбеди своето место на Европското првенство (ЕП) в година во Германија со ремито 0-0 на дуелот со Украина во понеделникот. Поразот ќе го одведеше актуелниот европски првак во плејофот, за репрезентацијата што ги пропушти претходните две светски првенства поради поразите во плејофот од Шведска и од Македонија.
Пласманот на ЕП беше минимумот што се очекуваше од Спалети кога ја презеде функцијата по неочекуваната оставка на Роберто Манчини на помалку од еден месец пред меѓународните натпревари во септември годинава.
– Не е лесно да се влезе и веднаш да се направи вистинскиот избор, некои работи ги научив откако ја почнав оваа нова работа и сега мислам дека знам малку повеќе. Дојдов за да се пласираме, а не да барам изговори ако не го сторевме тоа. И вистинската работа почнува сега, сега навистина можам да работам. Кога ја прифатив улогата, знаев дека морам да се пласирам – рече Спалети по натпреварот во понеделникот.
Спалети планира повеќе промени во начинот на кој функционира националниот тим. Тој веќе воведе апликација што ќе им овозможи на фудбалерите да гледаат видеопредавања и тактичка анализа дури и кога се далеку од тренинг-кампот на Италија. Тој во понеделникот додаде дека сега ќе почнат и со тренирање со дрон за да се осигурат дека може да се користат најдобрите можни снимки, пишува АП. Селекторот Спалети има на ум и поосновен метод за подобрување на репрезентацијата на Италија, запознавање со своите играчи. И тој рече дека нема да чека до следната меѓународна пауза во март за да го стори тоа.

– Со националниот тим сакаме да се обидеме да се приближиме што е можно повеќе до она што се случува во еден клуб. Сакаме да останеме во контакт, да имаме можност да разговараме еден со друг и да се сретнеме неколкупати. Ќе одам да гледам тимски тренинзи и потоа ќе одам на вечера со нив за да побарам мислење. Имаме сериозни играчи во овој тим на Италија и сакам да ги запознаам без притисокот да ми треба резултат. Сега можам да им се доближам, бидејќи и тие имаат што да кажат – вели Спалети.
За да му помогне на својот тим уште повеќе, Спалети се надева дека ќе закаже натпревари за март против силни противници.
– Ќе барам тешки пријателски натпревари, најтешки. Тоа е и затоа што многу од овие фудбалери треба да стекнат искуство за играње против противници од највисоко ниво, многу од нив не играат во европските натпреварувања и затоа каде би го изградиле ова искуство ако не на овие натпревари – рече тој.
Претходниот пат кога Италија отиде на европско првенство, откако не успеа да се пласира на светско првенство, го освои турнирот, победувајќи ја Англија во финалето на стадионот „Вембли“ пред две години, пишува АП.
Следната година ќе има уште една шанса за откупување.
– Сега доаѓа забавниот дел – рече Спалети со широка насмевка, пренесе АП. Н.М.