Тимовите (32) ќе бидат поделени во четири барабани, од кои во првиот ќе бидат победниците во ЛШ и ЛЕ и од шесте најдоброрангирани нации што се квалификувале како шампиони на своите земји. Во следните барабани ќе бидат тимовите според клупските коефициенти, објави УЕФА
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Утре попладне (18 ч.) во Истанбул, Турција, ќе се влече ждрепката за групната фаза во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ) за сезоната 2022/2023. Во ждрепката ќе бидат вклучени 32 тима, од кои 26 автоматски се квалификуваа според пласманите во домашните лиги, како и шесте победници од плејоф-рундата, кои ќе бидат познати денеска.
Тимовите ќе бидат поделени во четири барабани, од кои во првиот ќе бидат победниците во ЛШ и Лига Европа (ЛЕ) и од шесте најдоброрангирани нации што се квалификувале како шампиони на своите земји. Во следните барабани ќе бидат тимовите според клупските коефициенти, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во првиот барабан е бранителот на титулата, Реал Мадрид, потоа Ајнтрахт Франкфурт, како победник во ЛЕ, Манчестер сити, Милан, Баерн Минхен, Пари сен Жермен, Порто и Ајакс. Во вториот се Ливерпул, Челси, Барселона, Јувентус, Атлетико, Севилја, Лајпциг и Тотенхем. Во третиот ќе бидат Борусија Дортмунд, Салцбург, Шахтар, Интер, Наполи, Спортинг, Баер Леверкузен, а во четвртиот Марсеј, Бриж и Селтик. По реванш плејоф-мечевите Црвена звезда – Макаби, Бенфика – Динамо Киев, Плзен – Карабах (синоќа), Трабзонспор – Копенхаген, Динамо Загреб – Бодо глимт и ПСВ – Ренџерс (вечерва), ќе бидат познати преостанатите шест тима за мечевите по групи.
Ждрепката е полудиригирана, што значи дека во групите меѓу себе нема да играат тимови од иста земја. Клубовите од иста држава ќе ги играат натпреварите во вторник и во среда, заради ТВ-гледачите. Евентуални други ограничувања ќе бидат објавени пред ждрепката. Натпреварите ќе се играат во период од осум недели есенва, поради Светското првенство (СП) во Катар. Двете првопласирани селекции во осумте групи ќе се пласираат во осминафиналето. Третопласираните од групите во ЛШ ќе ги продолжат европските мечеви во плејоф-фазата, во која ќе играат со второпласираните од групите во ЛЕ, за места во осминафиналето на ЛЕ. Натпреварите во групната фаза ќе се играат на 6/7 септември, 13/14 септември, 4/5 октомври, 11/12 октомври, 25/26 октомври и на 1/2 ноември. Ждрепката за осминафиналето е закажана за 7 ноември. Осминафиналните мечеви треба да се одиграат на 14/15 и на 21/22 февруари и на 7/8 и 14/15 март, четврт-финалните се на 11/12 и на 18/19 април, полуфиналните на 9/10 и на 16/17 мај. Финалето треба да се одигра на 10 јуни 2023 година, на олимпискиот стадион „Кемал Ататурк“ во Истанбул. Л.Д.
Клубовите ќе поделат 2,032 милијарди евра
Наградниот фонд сезонава во ЛШ ќе изнесува 2,032 милијарди евра, кои ќе им бидат распределени на 32-та тима. Секој тим што ќе се пласира во групната фаза ќе добие бонус од по 15,64 милиони евра. Премијата за победа во групата ќе изнесува 2,8 милиони евра, односно 930.000 евра за реми. Клубовите што ќе се квалификуваат за нокаут-фазата може да очекуваат нови пари. Пласманот во осминафиналето вреди 9,6 милиони, во четврт-финалето 10,6 милиони, во полуфиналето 12,5 милиони и во финалето 15,5 милиони евра. Победникот во ЛШ ќе добие дополнителни 4,5 милиони евра.