Мислам дека имаме квалитетни и искусни фудбалери, кои се способни да забележат таков успех. Одигравме најдобро кога беше најпотребно, покажавме и дека психолошки сме многу силни. Годинава фудбалска Македонија ги забележа најдобрите постигнувања во историјата. Тоа сите нѐ прави горди, но претставува и обврска да не се задоволуваме само со тоа и мотив повеќе да продолжиме во иста насока, да си поставиме јасни цели и да ги реализираме, вели Милевски
ФУДБАЛ – БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА
Во годината што е зад нас фудбалска Македонија ги забележа најдобрите постигнувања во историјата. Тоа сите нѐ прави горди, но претставува и обврска да не се задоволуваме само со тоа и мотив повеќе да продолжиме во иста насока, да си поставиме јасни цели и да ги реализираме, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски.
Милевски (50) ја презеде селекторската функција во август годинава, по дебито на Македонија на ЕП 2020. Македонија го освои второто место во групата во квалификациите за пласман на Светското првенство во (СП) во 2022 година во Катар, зад Германија, и со тоа се пласира во баражот за настап на СП 2022 во Катар, во кој противник во полуфиналето ѝ е актуелниот европски првак, Италија, на 24 март во Палермо.
– Одигравме најдобро кога беше најпотребно, покажавме и дека психолошки сме многу силни. Ќе играме во бараж, ќе ѝ гостуваме на Италија, актуелен европски првак, која е апсолутен фаворит, на хартија е подобра од Македонија, но тоа ќе треба да го покаже и на теренот. Во квалификациите покажавме дека сме квалитетна репрезентација и ќе се потрудиме да го потврдиме тоа во баражот. Во наредниот период ќе нема термини за собири, ни останува само да ги следиме формата и здравјето на играчите. Секако, ќе ја анализираме играта на Италија, која под водство на Роберто Манчини е помодерна, пофлексибилна, но и играта на Португалија и на Турција, како можни идни потенцијални ривали, зашто да не. Не ни помислуваме однапред да се предаваме – рече Милевски.
Во минатите неколку месеци Милевски во повеќе наврати потенцираше дека една од главните цели за Македонија е настапот на ЕП 2024 во Германија.
– Да, тоа е зацртаната цел. Она што ни претстои во наредниот период, баражот за СП и мечевите во Лигата на нациите, се дел од тој план. Мислам дека имаме квалитетни и искусни фудбалери, кои се способни да забележат таков успех. Базата постои, но и се освежува со млади фудбалери од селекцијата до 21 година. Тоа е природен процес, селектираме играчи што ќе одговорат на нашите потреби и барања, односно што се флексибилни и што можат да играат на повеќе позиции, не да бидат „специјалисти“ за едно одредено место – вели Милевски.
Фудбалската игра постојано еволуира, се менуваат тимските формации, се бараат играчи што ќе можат брзо да трчаат, уште побрзо да мислат и да се адаптираат на ситуациите на теренот. На Европското првенство што летово се одржа низ Европа имаше широка палета тактички формации.
– Секој тренер или селектор, како сакате, има своја филозофија, гледање на играта. Секоја тактичка поставеност е добра кога носи добри резултати, тука нема дилеми. Играњето со тројца во последната одбранбена линија би ја нарекол како некоја мода. Ја применуваа Англичаните, Италијанците и други, како и некои клубови, но во завршницата на ЕП, во полуфиналињата сите се вратија на класичните четворица играчи одзади. Според мене, не е најбитна формацијата туку фудбалерите што ги има на располагање селекторот или тренерот. Тие го диктираат начинот на игра. Кога тие се добри, тактичко-технички, физички и психолошки добро подготвени фудбалери, можете да менувате формации и за време на играта, да се приспособувате на противникот, да го извлечете најдоброто од нив и да победувате – вели Милевски.