Фото: ЕПА

По некомплетното второ коло, меѓу осумте најдобри се Германија, Шведска, Норвешка и Шпанија

ФУДБАЛ – ЕП 2025

Најтрофејната репрезентација на европските првенства, Германија, и победникот на првото Европско првенство (ЕП) за фудбалерки, Шведска, се пласираа во четврт-финалето на ЕП 2025 што се игра во Швајцарија. Двете селекции по две кола ги обезбедија првите две места во групата Ц и во третото коло во меѓусебен дуел ќе решаваат која репрезентација ќе го освои првото место во таа група.
Германија досега освои осум европски фудбалски титули, и тоа во 1989, 1991, 1995, 1997, 2001, 2005, 2009 и во 2013 година. Шведска, пак, триумфира на континенталниот шампионат во 1984 година.
Од претходно, пласман меѓу осумте најдобри репрезентации на ЕП 2025 по првите две кола обезбедија репрезентациите на Норвешка (европски првак од 1987 и од 1993 година) од групата А и на актуелниот светски шампион Шпанија (славеше на Светското првенство во 2023 година во Нов Зеланд и во Австралија) од групата Б.
По некомплетното второ коло (синоќа се играа натпреварите во групата Д), за уште четири места во четврт-финалето во трка се осум репрезентации, и тоа Швајцарија и Финска од групата А, потоа Италија и Португалија од групата Б, како и Холандија, Франција, Англија и Велс од групата Д. Англија е актуелен европски првак, по триумфот на Европското првенство што се одигра во 2022 година. Н.М.