Во освојувањето на титулите, само Уругвај (на првото СП), Италија (во 1938 година) и Бразил (во 1970 и 2002 година) забележаа победи (без нерешен резултат или пораз по 90 или 120 минути игра) на еден планетарен шампионат. На СП 2022, сите 16 осминафиналисти во текот на групната фаза имаа барем едно реми или пораз
ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Достигнувањето на репрезентациите на Уругвај на Светското првенство во 1930 година, на Италија во 1938 година, како и двапати на Бразил, во 1970 и во 2002 година, ќе остане неизрамнето на фудбалското Светско првенство во Катар.
Овие три репрезентации се единствените што до титулата светски првак стигнале само со победи (без нерешен резултат или пораз по 90 или 120 минути игра) на еден планетарен шампионат.
Така, Уругвај на првото Светско првенство, играно токму во Уругвај, во 1930 година, на четирите меча забележа четири победи, со вкупна гол-разлика 15-3. Осум години подоцна, на шампионатот што се играше во Франција, истото тоа го направи репрезентацијата на Италија (со вкупна гол-разлика 11-5), со тоа што една од четирите победи беше забележана во натпревар на кој се играа продолженија. На тој Мундијал селекцијата на Италија ја освои својата втора светска титула.
По 32 години пауза, овој успех го повтори селекцијата на Бразил, на Светското првенство што се одржа во Мексико. Бразил на патот кон третата светска титула забележа шест победи на шесте натпревари, со вкупна гол-разлика 19-7.
Репрезентација на Бразил одново освои таква титула, во 2002 година, на Светското првенство играно во Јужна Кореја и во Јапонија, но овој пат победи на седум натпревари (вкупна гол-разлика 18-4), со што ја освои својата петта светска круна.
На годинашниот светски шампионат сите 16 репрезентации што се пласираа во осминафиналето во текот на групната фаза имаа барем едно реми или пораз.
Од другите прваци, Италија во 1982 година стана светски шампион со четири победи и три ремија, Аргентина во 1978 со пет победи и по еден нерешен резултат и пораз, Германија во 1954 година со пет победи и еден пораз, Германија во 1974 година и Шпанија во 2010 година со по шест победи и еден пораз, Германија во 1990-та, Бразил во 1994-та и Италија во 2006 година со по пет победи и две ремија, а сите други со по едно реми (Италија во 1934 година, Уругвај во 1950, Бразил во 1958 и 1962, Англија во 1966, Аргентина во 1986, Франција во 1998 и во 2018 и Германија во 2014 година).