ФУДБАЛ
Минатиот месец, претседателот на УЕФА, Чеферин, за агенцијата „Франс прес“
изјави дека имало разговори за трансформација на Суперкупот
Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува за воведување мини-турнир со четири тима на почетокот од секоја сезона и пред почетокот на групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ). Францускиот спортски дневен весник „Л’екип“ објави дека УЕФА ја разгледува идејата за турнир на кој ќе настапи победникот во ЛШ од претходната сезона заедно со уште три водечки клуба.
„Л’екип“ пишува дека таа идеја била дел од тендерот за правата за ТВ-преноси на натпреварите во новата, проширена ЛШ, во периодот од 2024 до 2027 година. Од УЕФА велат дека „тоа е идеја спомната во тендерот, но ништо не е решено“.
Минатиот месец, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, за агенцијата „Франс прес“ (АФП) изјави дека имало разговори за трансформација на Суперкупот на УЕФА, за тоа тој да прерасне во натпреварување со четири тима, како замена за сегашниот натпревар помеѓу победниците во ЛШ и во Лига Европа (ЛЕ).
– Тоа е можност, сигурно, но кој точно ќе игра, не можеме со сигурност да кажеме. Ова е една од идеите да се направи нешто повеќе пред почетокот на сезоната – рекол Чеферин.
Годинава во Суперкупот на УЕФА, во Хелсинки, на 10 август, ќе играат Реал Мадрид и Ајнтрахт.