Трофејот, придружуван од амбасадорот на турнејата, бразилската фудбалска легенда, Жилберто Силва (светски првак со Бразил во 2002 година), досега пропатува над 750.000 километри, а ќе помине низ 51 земја до почетокот на Светското првенство во Катар
Оригиналниот пехар што го добива победникот на Светското првенство (СП) во фудбал, во рамките на светската турнеја, престојуваше и во главниот град на Македонија, Скопје.
Трофејот, придружуван од амбасадорот на турнејата, бразилската фудбалска легенда, Жилберто Силва (светски првак со Бразил на планетарниот шампионат во 2002 година), досега пропатува над 750.000 километри, а ќе помине низ 51 земја, како дел од турнејата пред Светското првенство (СП) што ќе се одржи годинава во Катар.
На пригодната церемонија на претставувањето на пехарот присуствуваа претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, амбасадорот на турнејата, Жилберто Силва, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини…
– Нема поголемо задоволство и верувам дека сите сме со иста мисла дека еден ден, наскоро, капитенот на македонската репрезентација ќе го крене високо овој трофеј и ќе го донесе во просториите на ФФМ – изјави Пендаровски.
На присутните и на македонската фудбалска јавност им се обрати и амбасадорот на турнејата на трофејот, Жилберто Силва.
– Нашата должност во фудбалот е да инспирираме, да направиме луѓето да бидат најдобра верзија од себе, секој ден. Не само во фудбалот туку и во секојдневниот живот. Вашата држава беше многу блиску до учество на Светското првенство во Катар и играше добро на последните турнири и сигурен сум дека тоа ви е поттик за да постигнете уште повеќе – рече, меѓу другото, Силва.