Титулата е првата цел на осумте најдобри екипи во секој од трите европски купа сезонава, сите ќе играат и за зголемување на коефициентот за ранг-листата на УЕФА во обид да освојат бонус-место во Лигата на шампионите за идната сезона за клуб од својата земја, но некои од нив ќе играат и за пласман на клупското Светско првенство, обезбедување настап во повисок ранг во европските клупски натпреварувања во идната сезона…

Осумте тима во Лигата на шампионите (ЛШ) во четврт-финалето, за кое вчера беше влечена ждрепката, ќе продолжат да се натпреваруваат за главната цел, трофејот за европскиот првак, но некои од нив ќе играат и за пласман на клупското Светско првенство (СП), а сите и за зголемување на коефициентот за ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА), во обид да освојат бонус-место во Лигата на шампионите за идната сезона за клуб од својата земја. За третата цел ќе играат и 16-те тима во другите два европски купа, по осум во Лига Европа и во Конференциската лига, кои, секако, ќе играат и за соодветните трофеи во тие две континентални клупски натпреварувања и за пласман во повисок ранг.
ТРОФЕИ: Четвртфиналистите сезонава се тимови што досега биле европски прваци (Реал Мадрид 14 титули, Баерн шест, Барселона пет, Манчестер сити и Борусија Дортмунд по еднаш) или играле во финале (Атлетико Мадрид трипати, ПСЖ и Арсенал по еднаш). Ждрепката одреди во мечевите за влез во полуфиналето да играат Арсенал – Баерн, Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд, Реал Мадрид – Манчестер сити и Пари сен Жермен – Барселона. Од нив лани во полуфиналето меѓу себе играа Реал Мадрид и Манчестер сити. Во полуфиналето сезонава ќе се сретнат победниците на дуелите Атлетико – Борусија и Пари сен Жермен – Барселона, како и Арсенал – Баерн и Реал Мадрид – Манчестер сити. Во Лига Европа, пак, двојките се Милан – Рома, Ливерпул – Аталанта, Баер – Вест хем и Бенфика – Марсеј. Победникот на Лига Европа ќе обезбеди и пласман во Лигата на шампионите за идната сезона, ако претходно тоа не го остварил преку домашното првенство. Секако, трофејот и во Конференциската лига на победникот ќе му донесе и пласман во Лига Европа во идната сезона.
КЛУПСКО СВЕТСКО ПР­ВЕН­СТВО ВО 2025 ГОДИНА: Од осумте тима во најсилното европско фудбалско клупско натпреварување Манчестер сити, Пари сен Жермен, Баерн, Реал Мадрид и Борусија Дортмунд веќе обезбедија место на клупскиот Мундијал в година во САД, заедно со Челси, Интер, Порто, Бенфика и со Јувентус. Од четвртфиналистите во Лигата на шампионите сезонава Арсенал, Атлетико Мадрид и Барселона имаат шанси за пласман на клупското Светско првенство, и тоа сите три тима ако ја освојат континенталната титула, а Барселона и Атлетико Мадрид и преку ранг-листата на УЕФА, која се формира според перформансите на тимовите во Лигата на шампионите во претходните четири сезони, вклучувајќи ја и тековната, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Европа ќе има вкупно 12 тима на клупскиот Мундијал в година во САД, досега се пласираа 10, а за двете преостанати места во игра се Арсенал, Салцбург, Барселона и Атлетико Мадрид.

БОНУС МЕСТА ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ: Меѓу четвртфиналистите има тимови од вкупно четири земји, од нив Германија (коефициент од 16,357) и Англија (коефициент од 16,25) се на второто, односно на третото место на ранг-листата на УЕФА, на која води Италија (со коефициент од 17,714). Според оваа листа ќе бидат одредени две од четирите дополнителни места за идната сезона во Лигата на шампионите. Сезонава е последната со постојниот формат во ЛШ, со 32 екипи во групната фаза, поделени во осум групи, а од идната сезона ќе играат 36 екипи во една лига. Тоа ќе овозможи четири дополнителни места, од кои по едно ќе добијат двете земји чии клубови ќе имаат најдобри резултати во сите натпреварувања на УЕФА сезонава, Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ).
Од водечките три земји на ранг-листата на УЕФА нови бодови можат да освојуваат вкупно 12 тима. Така, по дуелите од осминафиналињата во трите европски купа, од Италија има уште четири екипи во натпреварувањата на УЕФА, и тоа Аталанта, Милан, Рома (сите во ЛЕ) и Фиорентина (КЛ). Има пет англиски екипи вклучени во европските купови, а тоа се Манчестер сити, Арсенал (двата во ЛШ), Ливерпул, Вест Хем (двата во ЛЕ) и Астон вила (КЛ). Од Германија во игра три тима, Баерн, Борусија Дортмунд (двата во ЛШ) и Баер (во ЛЕ). Од земјите меѓу првите пет на ранг-листата на УЕФА, по три тима ќе има од Франција (Пари сен Жермен во ЛШ, Марсеј во ЛЕ и Лил во КЛ) и од Шпанија (Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона во ЛШ)… Н.М.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Арсенал – Баерн
2. Атлетико М. – Борусија Д.
3. Реал Мадрид – Манчестер сити
4. Пари сен Жермен – Барселона
мечевите се од 9 до 17 април
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 2 – Победник 4
Победник 1 – Победник 3
мечевите се од 30 април до 8 мај

ЛИГА ЕВРОПА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Милан – Рома
2. Ливерпул – Аталанта
3. Баер – Вест хем
4. Бенфика – Марсеј
мечевите се на 11 и на 18 април
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 4 – Победник 2
Победник 1 – Победник 3
мечевите се на 2 и на 9 мај

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Клуб Бриж – ПАОК
2. Олимпијакос – Фенербахче
3. Астон вила – Лил
4. Плзен – Фиорентина
мечевите се на 11 и на 18 април
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 3 – Победник 2
Победник 4 – Победник 1
мечевите се на 2 и на 9 мај