ФУДБАЛ
Учесници на клупското Светско првенство, кое почнува в недела, ги засилуваат своите редови во летниот преоден рок. Така, на пример, Челси го ангажира дефанзивецот Мамаду Сар (19) од Стразбур, кој потпиша осумгодишен договор и има право да игра на клупскиот Мундијал во САД, пишува „Би-би-си“. Тимот на тренерот Енцо Мареска го почнува својот настап на СП 2025 со мечот со ФК Лос Анџелес на 16 јуни. Ангажманот на Сар е четврти за Челси летово, по доаѓањето на Лиам Делап од Ипсвич, Естевао од Палмеирас и Дарио Есуго од Спортинг.
Кариерата на Џоб Белингем оди по многу сличен пат како оној на неговиот постар брат Џуд, кој сега е во реал Мадрид. Џоб Белингем неодамна му помогна на Сандерленд да се пласира во Премиер-лигата, но 19-годишниот играч од средниот ред нема да игра во англиската врвна лига во следната сезона, откако му се приклучи на осумкратниот германски шампион Борусија Дортмунд, кој го освои четвртото место сезонава и обезбеди пласман во Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“.
Иако Џоб е именуван во репрезентацијата на Англија за Европското првенство за фудбалери до 21 година летово, ако неговата преселба во тимот од Дортмунд биде комплетирана до денеска, тој би можел да го помине следниот месец играјќи на клупското Светско првенство во САД, пишува „Би-би-си“. Борусија Дортмунд е во групата Ф на СП 2025, заедно со Флуминенсе од Бразил, Улсан од Јужна Кореја и со јужноафриканската екипа Мамелоди сандаунс. Ако и Борусија Дортмунд и Реал Мадрид ги освојат своите групи и победат во осминафиналето, тие би се сретнале во четврт-финалето, пишува „Би-би-си“. Н.М.