ФУДБАЛ
На клупскиот Мундијал 117 судии ќе судат според нови правила
Судискиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги објави официјалните лица на натпреварите на клупското Светско првенство (СП), кое летово ќе се игра на 12 стадиони во 11 града во САД, пишува ФИФА.
– Доаѓаме од перформанси со висок стандард дадени за време на претходните турнири на ФИФА. Така, летвичката е повисока, а кога ќе ја кренете повисоко, потешко е да се задржи стандардот. Но работиме многу напорно и ќе дадеме силен придонес за успехот на ова возбудливо натпреварување – рече Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.
Ќе има вкупно 117 судии, и тоа 35 главни, 58 помошни и 24 задолжени за системот видеопомошник-судија (ВАР), од 41 земја.
– Сакам да ја споредувам подготовката на фудбалскиот тим и на судискиот тим бидејќи и едните и другите треба да работат напорно и да испорачаат според највисоките стандарди. Се обидуваме да најдеме што е можно повеќе униформност и конзистентност во она што го правиме затоа што фудбалот е ист насекаде, но знаеме дека треба да го разбереме различниот менталитет во фудбалот и тоа е клучно – вели Масимо Бусака, директор за судење на ФИФА.
Во согласност со измените на правилата на играта одобрени од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), ФИФА ќе спроведе нови правила дизајнирани да го намалат губењето време од голманите. Ако голманот ја држи топката подолго од осум секунди (при што судијата користи визуелно одбројување од пет секунди), судијата ќе досуди корнер за противничката екипа (наместо сегашниот индиректен слободен удар за повеќе од шест секунди задржување на топката). Дополнително, за да се идентификува можната идна употреба и да се развијат стандарди за квалитет и за безбедност, судиите ќе бидат опремени со камери за телото на пробна основа на клупското СП. Н.М.
ФУДБАЛ
Инфантино најави можен плејоф за пласман на СП во кој би играл ФК Лос Анџелес на Николов
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, рече дека ќе бараат да се одржи плејоф-меч помеѓу ФК Лос Анџелес и клубот Америка за место на клупското Светско првенство (СП), откако минатиот месец го отстрани клубот Леон од турнирот, пишува агенцијата „Ројтерс“. Леон беше повлечен од турнирот поради правилата за сопственост на повеќе клубови, а Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја регистрира жалбата на Леон против одлуката.
– За неколку недели ќе ја имаме конечната одлука, ќе ја почитуваме секоја одлука. Она што го гледаме е дека, ако ЦАС ја потврди одлуката на Апелациската комисија, намерата на ФИФА е да се одигра натпревар, плејоф, помеѓу тимот што го загуби финалето на Лигата на шампионите во КОНКАКАФ, ФК Лос Анџелес, и следниот тим во рангирањето, а тоа е Америка – изјави Инфантино за новинарите на стадионот во Атланта во понеделникот, пренесе „Ројтерс“.
Тренер на голманите во ФК Лос Анџелес е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов. Н.М.
КОШАРКА
Дончиќ води на листата со најпродавани дресови сезонава во НБА
НБА-лигата и Националната асоцијација на кошаркари објавија дека Лука Дончиќ од Лос Анџелес лејкерс и клубот ЛА лејкерс ги обезбедија првите места на листите за најпопуларни дресови и тимови во НБА. Резултатите се базирани на продажбата во „NBAStore.com“ за регуларната сезона 2024/2025, пишува НБА.
Словенецот Дончиќ е првиот интернационалец што ја предводи листата на најпопуларни дресови и првиот играч, освен Стивен Кари или Леброн Џејмс, кој е на врвот на листата по регуларниот дел, од сезоната 2012/2013 (тогаш Кармело Ентони од Њујорк). Генерално, првите пет играчи според продажба на дресови се Лука Дончиќ (ЛА лејкерс), Стивен Кари (Голден стејт), Леброн Џејмс (ЛА лејкерс), Џејсон Тејтум (Бостон) и Џејлен Брансон (Њујорк), пишува НБА. Од крајниот рок за трансфери во НБА на 6 февруари, продажбата на дресови е зголемена за 21 отсто во споредба со истиот период лани, првенствено поттикната од трансферот на Дончиќ во ЛА лејкерс, пишува НБА. Во однос на продажбата на тимската стока, Ла лејкерс води, пред Бостон, Голден стејт, Њујорк и Чикаго. Џејмс (3,23 милијарди прегледи), Кари (2,56 милијарди прегледи) и Дончиќ (1,82 милијарда прегледи) беа на врвот на листата на најгледани играчи на социјалните и на дигиталните платформи на НБА во текот на регуларниот дел од сезоната, пишува НБА. Н.М.
ФУДБАЛ
Претседателот на КОНКАКАФ е против идејата за СП 2030 со 64 репрезентации
Претседателот на Фудбалската федерација на Северна Америка (КОНКАКАФ), Виктор Монтаљани, го критикуваше предлогот за проширување на Светското првенство (СП) во 2030 година на 64 репрезентации, пишува „Би-би-си“. Домаќини на турнирот ќе бидат Шпанија, Мароко и Португалија, а воведните натпревари ќе се одржат во Аргентина, Парагвај и во Уругвај. Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и во Канада, прво со 48 репрезентации. Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) рече дека сакаат да се додадат повеќе учесници за да се одбележи стогодишнината од натпреварувањето.
– Не верувам дека проширувањето на Светското првенство на 64 селекции е вистинскиот потег за самиот турнир и за поширокиот фудбалски екосистем, од национални тимови до клупски натпреварувања, лиги и играчи. Уште не сме го почнале новото Светско првенство со 48 репрезентации, така што лично мислам дека проширувањето на 64 репрезентации не треба ни да се разгледува – изјави Монтаљани за ЕСПН, пренесе „Би-би-си“.
Доколку предлогот биде прифатен, изданието за 2030 година ќе има 128 натпревари, двојно повеќе од бројот на одиграни во форматот од 64 натпревари користен од 1998 и 2022 година. Н.М.