По успешните настапи за тимот од Автокоманда, кариерата на Торбаков продолжи во Работнички. Интересни доживувања има и во Југококта, каде што ја заокружи долгогодишната соработка со познатиот тренер Јово Никушев. Родното леринско село Сетина им е родно село и на фудбалските семејства Мојсови и Натеви

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (216) ДАНЧО ТОРБАКОВ (2)

Кариерата на еден од најпознатите македонски фудбалери Данчо Торбаков секогаш одеше во нагорна линија, за што зборува и податокот оти каде и да одеше, екипите поминуваа во повисок ранг натпревари. Таков беше случајот со МИК од Автокоманда, а и со Југококта од Ѓорче Петров (денешна Македонија). Единствено во Работнички нема подем на тој план, но затоа имаше многу забележителни настапи и еден спектакуларен меч со прилепска Победа во Скопје, зачинет дури со осум гола. Торбаков има и околу 30 настапи за македонската аматерска репрезентација на многубројните турнири организирани низ градовите на поранешна Југославија.

НАЈЧЕСТА СОРАБОТКА СО ТРЕНЕРОТ НИКУШЕВ

Минатата недела ги опишав почетоците на кариерата на Данчо Торбаков, а особено се задржав на радоста што неговиот клуб МИК им ја приреди на симпатизерите, не само од Автокоманда, туку и на македонските фудбалски навивачи со влегувањето во Втората југословенска лига. Торбаков во клубот, кој подоцна го носеше името Скопје, остана во следните три години, за конечно да ја напушти Автокоманда и да замине во Градски парк. Главен „виновник“ за оваа преселба во Работнички беше тренерот Јово Никушев, со кого Торбаков во долгата кариера соработуваше повеќе од десет години. Покрај тоа што Никушев му беше клупски тренер, тој беше на кормилото и на аматерската репрезентација на Македонија, па, така, Торбаков редовно настапуваше и за одбраниот македонски тим. Инаку, во тоа време се одржуваа многу турнири по најразлични поводи, најчесто посветени на државните празници, на кои учествуваа аматерските репрезентации на републиките и на покраините.
– Никушев беше одличен тренер-педагог, но и прекрасен човек. Имаше навистина еден родителски пристап кон играчите и едноставно дававме сѐ од себе само да не го разочараме. Јово успеваше да ја одржи хомогеноста на целиот тим, па можам да кажам дека живеевме како едно семејство. Таа хомогеност и атмосфера што владееја во Работнички, подоцна ги почувствува и новиот шеф на стручниот штаб Мирослав Червенски. Тој беше искусен тренер и знаеше дека сето ова е резултат на неговиот претходник, па затоа не сакаше ни да помисли да се откаже од услугите на Никушев. Червенски, кој остави впечатлив белег во тимот на „железничарите“, беше вооружен со големо знаење. Пред доаѓањето во Скопје, тој работеше во повеќе клубови во Војводина, а ја водеше и репрезентацијата на Судан. Червенски и Никушев беа одличен тандем, а дека беше така говорат и резултатите. Така, на пример, во 1974 година во првите шест кола во Втората лига немавме пораз и бевме на чело на табелата. Тоа беше онаа сезона кога се одигра и оној незаборавен натпревар со прилепска Победа, кога на Градски, пред повеќе од 20.000 гледачи, славевме со 6-2. Овој меч не само што ни остана во сеќавањата нам, како актери во него, туку за него се зборуваше и многу години подоцна меѓу љубителите на фудбалот. Тој стана репер за нешто убаво, за нешто што го збогатува фудбалот и ги привлекува гледачите да ги исполнуваат стадионите. Таа година Работнички стигна и до четврт-финалето на југословенскиот куп, во кое беше елиминиран од љубљанска Олимпија – се сеќава Торбаков на времето минато под палката на Никушев.
Имаше и други средби, победи и порази, но дружењето меѓу играчите беше пред сѐ. Во тогашниот Работнички, покрај Торбаков беа уште Тодоровски, Анчевски, Цубалевски, Стојановски (Карпа), Гелебешев, Ѓ. Стојановски, Б. Димитровски, Ѓошев, Сетинов, Боро Николиќ, Богатиновски, Коста Натев, Богоевски-Туљко и други. Тоа беше едно квалитетно фудбалско друштво, во кое беше милина да се работи, знаеше често да каже, кога подоцна ќе се сретневме, за жал покојниот Мирослав Червенски.

НАМЕСТО ПОВЛЕКУВАЊЕ, ПОВТОРНО НА ТЕРЕНОТ

Данчо Торбаков по три сезони во Работнички помислуваше на повлекување. Но и овој пат го премисли Никушев, кој сега беше тренер на Југококта и кого Данчо не можеше да го одбие.
– Да бидам искрен, доволни ми беа сите оние доживувања во Скопје и во Работнички, па сериозно мислев да се повлечам од зелениот терен. Бев задоволен од она што го постигнав како фудбалер и сакав да им останам во убаво сеќавање на фудбалските навивачи. Меѓутоа, пак нешто ме копкаше во душата и некако тешко можев да се решам да го кажам она последно – збогум. Имав 33 години и сакав да им го отстапам местото на помладите, но истовремено уште се чувствував свежо. Оние тренинзи со Червенски, кои беа навистина напорни, но и корисни, уште ме „држеа“ и како да ме тераа да продолжам да играм уште некоја година. И токму во тие моменти на колебливост, повторно се појавува Јово Никушев, овој пат со покана да дојдам во Ѓорче Петров и да заиграм за тогашна Југококта. И тоа се случи, дојдов и не згрешив, го продолжив фудбалскиот век. Тогаш видов дека навистина уште сум можел. Спонзор ни беше „Словенија вино“, па од финансиски аспект клубот беше обезбеден. Во тимот столб беше голманот Слободан Несторовски-Мајстор, тука беше и крушевчанецот Бураку, потоа Аврамовски и Силјановски, кои дојдоа од Маврово од Гостивар, па, така, заедно со домашните играчи, се создаде една солидна екипа. Кога дојдов во Југококта, бев изненаден колку клубот беше сакан од ѓорчепетровци. Немаше човек во населбата што не навиваше за нас. Трибините, иако игравме во регионална лига, секогаш беа исполнети. Дури и кога гостувавме не следеа повеќе од сто навивачи, кои доаѓаа со сопствени автомобили и автобуси. Ние, пак, фудбалерите, на достоен начин им се оддолживме со тоа што тимот го внесовме во Македонската лига. Тоа, всушност, беше приоритетна цел на сите структури во клубот, како и на спонзорот, кој со своите безалкохолни пијалаци сѐ повеќе го освојуваше македонскиот пазар. Впрочем, и името Југококта потекнуваше од најпродаваниот производ на „Словенија вино“ – вели Торбаков.
Во сезоната кога Југококта стана член на МФЛ, најсериозен противник имаше во Металург. Но во решавачкиот дуел пред повеќе од 5.000 гледачи на стадионот во Ѓорче Петров, Југококта победи со 2-0 и се промовира во нов прволигаш.
– Колку бевме супериорни во таа сезона зборува и податокот што ги изрешетивме противничките мрежи и постигнавме дури 157 гола – ја завршува приказната за одисејата во Југококта Данчо Торбаков.
Навистина доживување за вечно сеќавање. Но тука не е крајот, зашто Данчо едноставно не можеше без фудбалот. Тој го продолжува својот фудбалски век онаму каде што почна, во ФК Скопје, но како тренер, во тандем со Јосе Сребров. И тренерската работа ќе беше вистинскиот крај на кариерата на Торбаков доколку, на молба од „своите“, не заигра повторно.
– Го облеков дресот на клубот што беше мојата прва фудбалска љубов и играв со генерацијата на легендарниот Чеде Јаневски. Давав колку што можев во играта, делев топки, ги растрчував помладите, сѐ до моментите кога од трибините не почнаа да стигнуваат дофрлувања во стилот „до кога ќе играш, дедо можеш да им бидеш на децава“. Ова беа шеговити дофрлања од моите другари, но во нив имаше и вистина. Бев како дедо во младата екипа и, конечно, по две-три сезони му реков збогум на фудбалот – вели тој.
По многу години, Торбаков му рече збогум и на Скопје и се пресели во Охрид, каде што живее и денес.

СЕТИНА – СЕЛО НА СПОРТСКИ ЅВЕЗДИ

И оваа приказна за Данчо Торбаков нема да е целосна ако не се каже нешто за неговото потекло. Имено, Данчо е роден во 1945 година, во селото Сетина, во близината на Лерин. Како и многу други семејства од Егејскиот крај, за време граѓанската војна во 1947 година, и неговото мораше да го напушти родното огниште и засолниште најде во скопската населба Ерегела, која всушност претставуваше факултетско шумско-земјоделско стопанство. Е, сега, поентата на ова спомнување на селото Сетина е во нешто друго. И за мене изненадувачки звучеше кога Данчо ми кажа дека од ова село потекнуваат уште две познати фудбалски семејства.
– Корените на браќата Мојсови и браќата Натеви се токму од моето родно село Сетина. За тоа кои се тие и не треба да се трошат многу зборови. Тројцата браќа Мојсови, Илија, Сократ и Лазар, оставија неизбришлива трага во Вардар и во македонскиот, па и во југословенскиот фудбал. Сократ имаше настапи за сениорската репрезентација на поранешната држава, а неколку сезони беше страв и трепет за југословенските голмани. Илија стандардно играше на бековската позиција кон крајот на 1950-тите и во почетокот на 1960-тите години во Вардар, а најмладиот Лазе, кој беше голем талент, не го постигна она што од него се очекуваше, иако и тој еден период беше најмлад првотимец во Вардар. Браќата Натеви, пак, исто така, оставија печат во македонскиот фудбал. Помладиот Коста играше во МИК, потоа и во Работнички во времето на Червенски, а постариот Вангел ги бранеше боите на МИК, за кариерата да ја заврши во Канада – вели тој.
Но ова не беше сѐ што се однесува до селото Сетина и спортските ѕвезди што потекнуваа од него.
– Бидејќи зборувавме за фудбалот, чувствував за потребно да ги споменам фудбалските семејства од моето село, но од Сетина потекнуваат и други познати спортисти. Ќе го споменам Трајко Трпчевски, кој се врати од поранешна Чехословачка и беше основоположник на хокеарскиот спорт кај нас. Тој беше прв тренер и работеше во Сојузот на спортовите на Македонија. Уште едно име од моето село остави трага во македонскиот спорт, конкретно во ракометот. Станува збор за пивотот на РК Југ од скопски Мичурин, Стево Божаров. Тој беше одличен ракометар, можеби и најдобар пивотмен во тоа време. Инаку, со Стево сме први братучеди, од двајца браќа деца. Во роднинска врска сум и со Натеви. Така излегува дека цело село сме поблиски или подалечни роднини. Сега сите сме на различни страни, некои како Трајко Трпчевски не се веќе меѓу нас, но, како и да е, се споменуваме и живееме со надеж оти никогаш нема да се заборавиме. Таква ни била судбината – вели Торбаков.
Ете, тоа беше приказната за еден од најпознатите македонски фудбалери Данчо Торбаков, чија завршница беше токму со истакнувањето на спортските величини од неговиот роден крај, селото Сетина од Егејска Македонија.