Фото: Твитер/Официјален профил на Лигата на шампионите

Ливерпул го совлада Вилјареал со 2-0 по потполна доминација во полуфиналниот меч од фудбалската Лига на шампионите одигран вечерва на „Енфилд“.

Гостите од Шпанија успеаја да се одбранат во првото полувреме, во кое Џордан Хендерсон и Тјаго Алкантара ја погодија рамката од голот. Фаворизираниот домаќин успеа да дојде во водство преку автоголот на Первис Еступијан, кој ја смести топката во сопствената мрежа во обидот да изблокира нафрлување на Џордан Хендерсон во 53-та минута. А Садио Мане на асистенција на Мохамед Салах зголеми на 2-0 две минути подоцна. Вилјареал, пак, го заврши натпреварот без удар во рамките на противничкиот гол.

Мане уште еднаш потврди дека е „специјалист“ за мечевите од нокаут-фазата на ЛШ, постигнувајќи го неговиот вкупно 14-ти погодок за Ливерпул во елиминациските дуели. Тој е најефикасен фудбалер на „црвените“ во нокаут-мечевите во ерата на ЛШ, пред соиграчите Салах и Роберто Фирмино, кои досега имаат 11 односно 10 погодоци.

Реваншот во Шпанија се игра во вторник, додека Реал Мадрид во второто полуфинале го пречекува Манчестер сити (3-4 прв меч) идната среда.