Светското првенство годинава имаше повеќе изненадувања во групната фаза од кое било од другите шест светски првенства со 32 репрезентации, соборувајќи го претходниот рекорд од девет на мундијалите во 2002 и во 2010 година

ФУДБАЛ – ОДЛИЧНА ГРУПНА ФАЗА, ИЗНЕНАДУВАЊА, ИЗРАМНЕТОСТ, НЕИЗВЕСНОСТ, ВОЗБУДА, ДРАМА…

Светското првенство (СП) во Катар, едно од најизрамнетите досега, продолжи викендов со првите средби од осминафиналето, а ќе се заокружи утре, откако групната фаза донесе многу неизвесни дуели, возбудливи мечеви и драматични завршници.
Згора, имаше и големи изненадувања, кои кулминираа со елиминацијата по групната фаза на четирикратниот светски првак Германија, на освојувачот на бронзата на претходниот светски шампионат, Белгија, и на полуфиналистот на минатогодишното Европско првенство, Данска.
Еден знак на израмнетост на репрезентациите е тоа што сега, како и на првенството пред 20 години, кое се играше во Јужна Кореја и во Јапонија, имаше најмалку репрезентации со обезбеден пласман во осминафиналето по првите две кола, по три селекции. На годинашниот Мундијал, по 180 минути игра, место меѓу 16-те најдобри обезбедија само селекциите на Франција, Бразил и на Португалија, а за другите патници во осминафиналето решаваа мечевите од третото коло.
Рекордно според бројот на репрезентации што само по две кола во групната фаза осигуриле пласман понатаму е Светското првенство во 2006 година, со осум (во 2014-та имаше седум, на СП 1998 и на СП 2018 по шест, на Мундијалот во 2010 година четири). По 48-те меча во групната фаза на СП 2022 беа постигнати 120 гола (досега имаше шест средби со резултат 0-0), односно по 2,5 погодока во просек по меч, а по првите два дуела од осминафиналето просекот е 2,54 гола по натпревар.

ИЗНЕНАДУВАЊА

Напнатата групна фаза на фудбалското Светско првенство во Катар, со повеќе шокантни резултати од кога било досега, заврши така како што се одвива од почетокот, со изненадувања и извонредни перформанси низ групите и, со влегувањето во форма на некои од главните играчи, како најава за интригантна нокаут-фаза, пишува „Би-би-си“.
Повеќето фаворити, со исклучок на Белгија и на Германија, можеби ги поминаа своите групи, но тоа не беше лесна работа. Првото изненадување дојде на третиот ден, кога Саудиска Арабија ја победи Аргентина. Еден ден подоцна Јапонија го следеше примерот, бидејќи ја победи Германија, и покрај тоа што губеше по првиот дел, пред да го повтори истото тоа на мечот со Шпанија во третото коло и да биде прва во групата. Меѓутоа, со начинот на кој на крајот се одвиваше групата Е, можеби најголемото изненадување е Костарика, која ја победи Јапонија во нивниот втор натпревар. Белгија, второрангирана во светот, го напушти турнирот.
Ниту Франција и Бразил не останаа имуни на изненадувачкиот резултат. Според анализата на „Нилсен Грејсноут“ („Nielsen Gracenote“), победата на Камерун над Бразил беше 12-то изненадување (натпревари во кои шансите за победа на победниците изнесуваа помеѓу 16,7 и 33,3 отсто) на досегашниот дел од турнирот, пишува „Би-би-си“. Затоа, Светското првенство годинава имаше повеќе изненадувања во групната фаза од кое било од другите шест светски првенства со 32 репрезентации, соборувајќи го претходниот рекорд од девет на светските првенства во 2002 и во 2010 година.

ГОЛЕМИТЕ ИМИЊА УШТЕ НАСТАПУВААТ…

Се поставуваа прашања за суперѕвездите на овој Мундијал. Дали уште се суперѕвезди, дали можат да го направат тоа на СП 2022? Одговорот е – да, од многу од нив, пишува „Би-би-си“.
По фрустрирачкиот почеток на турнирот, Лионел Меси ја осветли групата Ц за Аргентина, постигнувајќи витален воведен гол против Мексико, а потоа беше блескав против Полска, и покрај промашувањето пенал, за да се пласира во нокаут-фазата.
Долгогодишниот ривал Кристијано Роналдо можеби има проблеми во клупскиот фудбал, но тој зборуваше на теренот за Португалија, откако 37-годишниот фудбалер ја покажа сета своја волја за победа, а потоа реализира пенал на мечот со Гана, со што стана првиот што постигнал барем еден гол на пет светски првенства, пишува „Би-би-си“.
Роберт Левандовски го постигна својот прв гол на светските првенства за да ѝ помогне на репрезентација на Полска да се пласира во осминафиналето, првпат од 1986 година.

…НО СЕ ПОЈАВУВА СЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Килијан Мбапе имаше одлични перформанси и три гола во групната фаза за пласман на репрезентацијата на Франција како прва што обезбеди место во осминафиналето.
Шпанската група на динамични младинци, исто така, одушевуваше, а 17-годишниот Гави стана најмладиот стрелец на фудбалските светски првенства по бразилската легенда Пеле, во првата победа со 7-0 на дуелот со селекцијата на Костарика.
Коди Гакпо од Холандија веќе беше еден од најбараните напаѓачи во Европа, а 23-годишниот фудбалер стана првиот од една европска репрезентација што постигнал гол во сите три меча во групната фаза од Светското првенство во 2002 година.
Настапите на Алфонсо Дејвис од Канада, Мухамед Кудус од Гана и дуото од Англија Фил Фоден и Букајо Сака го истакнаа нивниот талент на најголемата сцена, пишува „Би-би-си“. И уште еден играч на Англија, Џуд Белингем, се појави како голема ѕвезда, пишува „Би-би-си“.


Еден од најубавите голови

Понекогаш во фудбалот се постигнува гол што е толку совршен во дизајнот и толку величествен во извршувањето, а „тимската цел“ е над преостанатите. Тоа е илустрација на кохезијата на движењето и разбирањето на просторот, особено кога вклучува 20 додавања од сите 11 играчи, преместување на топката од едниот до другиот крај на теренот и е постигнат во нокаут-натпревар на едно светско првенство. Особено, исто така, кога го постигнува репрезентацијата на Холандија и кога го пренесува духот на „тоталниот фудбал“, кој Холандија помогна да се создаде. Воведниот гол постигнат од избраниците на селекторот Луис ван Гал, во победата со 3-1, на мечот со САД, ќе остане запаметен како најдобриот тимски гол постигнат на ова или на кое било светско првенство, пишува „Индепендент“ на својата интернет-страница во описот на првиот гол на Холандија на мечот од осминафиналето на Светското првенство во Катар.