Фото: Игор Бансколиев

СП 2022 беше турнир со највисок процент на изненадувања по СП 1958, имаше „само“ 1.458 удари, но рекордни 172 гола (92,9 проценти однатре во шеснаесетникот), имаше најмногу тинејџери и играчи ветерани што почнуваа мечеви…

ФУДБАЛ

Најмногу изненадувања во минатите 64 години, најмалку шутови, но најмногу голови, се некои од фактите за фудбалското Светско првенство (СП) во Катар. По 64 натпревари и рекордни 172 гола на СП 2022, аналитичарите на „Нилсен Грејснот“ (Nielsen’s Gracenote) ги испитаа трендовите од натпреварувањето, пишува „Би-би-си“.
СП 2022 беше турнир со 15 натпревари што завршија со изненадување, 24 отсто од натпреварите, според „Нилсен Грејснот“, пишува „Би-би-си“. Тоа е највисок процент на изненадувања по СП 1958 (26 отсто). Според методологијата на „Нилсен Грејснот“, изненадување има ако „победничкиот тим имал помалку од 33,3 отсто шанси за победа во 90 минути во групната фаза или максимални 47 отсто шанси да победи во нокаут-фазата“, пишува „Би-би-си“.
На СП 2022 имаше „само“ 1.458 удари, што е најниска бројка откако „Нилсен Грејснот“ почна да ги бележи податоците во 2002 година, а максимумот е 1.661 во 2014 година. Просечниот број удари на СП 2022 беше 22,8, но тоа не ги спречи голгетерите за рекордни 172 гола, најмногу откако СП се игра со 32 репрезентации, од 1998 година (по 171 гол имаше во 1998 и во 2014 година). Само СП 1994 со 2,71 гол по натпревар го надминува СП 2022, со 2,69. На турнирот имаше 117 стрелци, пет помалку од СП 2018. Вкупно 92,9 проценти од головите беа постигнати однатре во шеснаесетникот, со рекордни 62,7 отсто успешност на ударите во шеснаесетникот.
Судиите доделија 227 жолти картони, најмногу од 2010 година, а беа покажани само четири црвени картони, како и во 2018-та. Но бројот на прекршоци се намали четврти последователен турнир на најниско ниво во овој век, 1.599. Во просек имаше 11 дополнителни минути по меч, повеќе од шест минути од СП во 2018 година, поради построгите правила на ФИФА. СП 2022 забележа најмногу тинејџери што почнаа мечеви отколку на кое било друго светско првенство. Вкупно десет тинејџери имаа 20 меча како стартери. Францускиот напаѓач Килијан Мбапе, кој сега има 23 години, уште го држи рекордот за најмногу почнати мечеви како тинејџер, со шест на изданието во 2018 година. Вкупно 27 играчи ветерани (фудбалери повозрасни од 35 години) одиграа на 83 меча како стартери на СП 2022, 32 повеќе од претходниот рекорд, поставен на СП 2002, пишува „Би-би-си“.