Оваа кариера навистина доаѓа до крајот. Ако ја освоиме Копа либертадорес, тоа ќе биде врв на кариерата за која работев многу, изјави за АП Сколари, кој в сабота ќе го води Атлетико на мечот со Фламенго, во одлучувачкиот дуел за клупската титула во Јужна Америка (трето по ред финале меѓу тимови од Бразил)
Луис Фелипе Сколари можеби ќе учествува во последното финале во својата 40-годишна тренерска кариера в сабота, кога ќе го води Атлетико против Фламенго во одлучувачкиот натпревар во фудбалската Копа либертадорес, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Ова е трето по ред финале меѓу тимови од Бразил во најпрестижното клупско натпреварување во Јужна Америка. Натпреварот се игра во Гвајакил (Еквадор).
– Оваа кариера навистина доаѓа до крајот. Ако ја освоиме Копа либертадорес, тоа ќе биде врв на кариерата за која работев многу. Никогаш не очекував толку многу, освојувајќи го сето она што го освоив – изјави Сколари за АП, во Сао Паоло претходно овој месец.
Кариерата на 73-годишниот Сколари (познат како Големиот Фил) забележа највисоки нивоа, тој го предводеше Бразил до петтата титула за таа репрезентација на Светското првенство во 2002 година, а и падови, кога Германија го победи домаќинот Бразил со 7-1 во полуфиналето на изданието во 2014 година, пишува АП. Како тренер освои две титули во Копа либертадорес. Ова ќе биде негово четврто финале. Неговата екипа од градот Куритиба во своето второ финале игра за првата титула во натпреварувањето. Фламенго, шампионот во 1981 и во 2019 година, лани загуби од Палмеирас.
По СП 2014 се врати во својот клуб од детството Гремио и освои неколку титули во Кина со Гуангжу Евергранде. Сколари стана технички директор во Атлетико на 4 мај. Но пет дена подоцна, кога тимот се мачеше на различни натпреварувања, тој стана тренер за до крајот на сезоната.
– Уште размислувам како тренер, а не како технички директор. Но мислам дека ќе ја завршам годинава тука и ќе помогнам да се назначи некој што ќе ја преземе екипата в година – рече Сколари.
Откако го презеде водството, Атлетико исфрли два гиганта од Копа либертадорес, аргентинскиот Естудијантес и бранителот на титулата Палмеирас од Бразил.
– Моќта што ја имаат Фламенго, Палмеирас е многу поголема од нашата. Нашиот платен список е помал од околу 12 клуба во бразилскиот фудбал – рече Сколари.
Атлетико има надежен 17-годишен напаѓач Витор Роке, а најдобар играч е уругвајскиот фудбалер од средниот ред, Давид Теранс.
Сколари, исто така, гледа напред, на Светското првенство што почнува на 20 ноември во Катар. Тој верува дека сегашната генерација играчи на Бразил е толку добра што би можела да доминира на турнирот во следните три изданија.
– Фудбалерите на Бразил го имаат ова Светско првенство, веројатно и во 2026 година, а многу од нив ќе бидат тука и за 2030 година – рече Сколари на прашањето за напаѓачите Винисиус Јуниор, Рафиња и Антони, кои донесоа нова енергија во „Селекао“, играјќи покрај Нејмар и други ветерани во европските клубови. „Овие деца може да ни го дадат резултатот што го сакаме. Но не можеме да извршиме премногу притисок. Во следните четири години веројатно ќе бидат уште подобри“, рече Сколари.
Запрашан за најдобрите и за најлошите моменти во неговата вкупна кариера, Сколари рече дека не може да избере.
– Најсреќниот, а не најдобриот, беше во почетокот. Не сонував да одам толку далеку и го освоив државниот шампионат во Рио Гранде до Сул со Гремио. Немаше најлош момент. Има фази што не функционираат, како во 2014 година, и мора да работите за да се кренете. Заминав од тука, отидов во Кина и на 11 турнири што ги одигравме победивме на седум. Верувајте ми, нема посебен пораз – рече Сколари.
Сколари вели дека сака да продолжи да работи во Атлетико како технички директор, но е подготвен целосно да се пензионира доколку не одговара и да се врати во Порто Алегре за да стане навивач на Гремио со полно работно време. Сколари, секако, останува вљубен во фудбалот.
– Фудбалот сѐ уште ме движи. Но ќе го живеам помалку интензивно – рече Сколари за АП.