Во полуфиналето ќе играат Манчестер сити – Реал Мадрид, односно Ливерпул – Вилјареал

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПОЛУФИНАЛЕ

Два тима од Шпанија и два од Англија се пласираа во завршницата од Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Во полуфиналето ќе играат Манчестер сити – Реал Мадрид, односно Ливерпул – Вилјареал.
За Манчестер сити ова ќе биде трето полуфинале во ЛШ. Силата на Манчестер сити е во големиот избор на екстра квалитетни играчи, во милиметарски точните додавања и во немилосрдниот пресинг, како и во големата желба за прв триумф во ЛШ, посебно по ланскиот пораз од Челси (0-1) во финалето. Манчестер сити игра во формацијата 4-3-3, сака да има голем посед на топката и победува со брзината на додавањата. Се бранат во висок блок и интензивно ја притискаат противничката екипа, барајќи ја шансата за гол во брзите транзиции. Клучен играч е Кевин де Брујне (30), кој „царува“ во средниот ред, а менаџер е Пеп Гвардиола (51), еден од најтрофејните во европскиот фудбал, со две титули во ЛШ (Барселона 2009 и во 2011). За него ова ќе биде деветто, рекордно полуфинале во ЛШ, едно повеќе од Жозе Мурињо.
Реал, најтрофејниот со 13 титули, „специјалистот“ за ова натпреварување, по 31. пат е полуфиналист, најмногу од сите. Реал триумфира четири пати во последните шест сезони и е способен за нов триумф. Потврда за ваквата констатација е и тоа што не им се даваа многу шанси во дуелите со ПСЖ, потоа и против Челси, но сепак ги минаа тие пречки. Карим Бензема е во животна форма, а голема поддршка има од Винисиус Жуниор, Тони Крос и од Лука Модриќ, кои ги влечат конците на средината од теренот. И Реал игра во формацијата 4-3-3, а ’рбетот на тимот го сочинуваат голманот Тибо Куртоа, централниот бек Едер Милитао, искусното трио од средниот ред, Каземиро, Модриќ и Крос, и Бензема како центарфор. На тренерската позиција е Карло Анчелоти, кој ја освои 10-та европска титула за Реал во 2014 година. Тој е еден од тројцата тренери што трипати биле прваци. Манчестер сити и Реал досега одиграле шест меча со идентичен ефект, по две победи, два пораза и две ремија, со гол-разлика 7-7.
Ливерпул има слична кампања сезонава како и во 2018/2019, кога ја освои титулата и кога за малку не триумфира и во Премиер-лигата.

Менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, ретко отстапува од својата испробана формација 4-3-3, систем што одлично функционира. Високиот пресинг последниве сезони беше порафиниран, но со паметните аквизиции, како што се Диого Жота и Луис Дијаз, остана исто толку ефикасен. Еден од клучните играчи е Мохамед Салах, египетскиот напаѓач што стана заштитно лице на Ливерпул откако дојде од Рома во 2017 година. Ливерпул шест пати бил европски шампион, повеќе од која било друга англиска екипа.
На Вилјареал не му се даваа поголеми шанси да се најде меѓу четирите најдобри, но покажа дека има квалитет и оти не случајно минатата сезона ја освои Лига Европа (ЛЕ). Сезонава веќе ги елиминираа Јувентус и Баерн Минхен, што значи дека е можен пласман и во финалето, прв за нив. „Жолтата подморница“ игра во крута формација 4-4-2, при што за Унаи Емери приоритет е дисциплиниран, добро уигран и истрениран тим. Главен во одбраната е искусниот Раул Албиол (36), а за брзата транзиција се задолжени Арнаут Данџума, Даниел Парехо и Џовани Ло Селсо. Емери со Севилја трипати по ред, од 2014 до 2016 триумфира во ЛЕ, а лани го повтори тоа и со тимот на Вилјареал, од истоимениот град со 52.000 жители и со стадион од 23.500 седишта. Ливерпул и Вилјареал имаат одиграно само два меча, во полуфиналето во ЛЕ во 2026 година. Првиот меч го доби Вилјареал со 1-0, а во реваншот на „Енфилд“, „црвените“ победија со 3-0.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Реал М. – Челси 5-4 (2-3, 3-1)
Баерн М. – Вилјареал 1-1 (1-1, 0-1)
Ливерпул – Бенфика 6-4 (3-3, 3-1)
Атлетико – Манчестер С. 0-1 (0-0, 0-1)

ПОЛУФИНАЛЕ
Манчестер С. – Реал М.
26 април и 4 мај
Ливерпул – Вилјареал
27 април и 3 мај

ФИНАЛЕ
Париз, Стад де Франс
28 мај