ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
Македонија останува во лигата Ц по освојувањето на третото место во групата и се најде на 42-та позиција меѓу 55 земји-членки на УЕФА. Тоа значи дека ќе биде во четвртиот барабан на ждрепката на 9 октомври во Франкфурт, за составот на групите за Европското првенство 2024 во Германија
Шпанија, Хрватска, Италија и Холандија ќе играат за титулата во третото издание на Лигата на нациите (ЛН) во фудбал, на фајналфор-турнирот во јуни следната година, откако ги освоија првите места во своите групи во лигата А. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 14/15 јуни, а финалето и мечот за третото место на 18 јуни 2023 година. Домаќинот на завршниот турнир ќе биде одреден во јануари 2023 година, а заинтересирани се Белгија, Полска, Холандија и Велс.
Во следното издание на ЛН во лигата А ќе играат Шкотска, Израел, БиХ и Србија, на местото на испаднатите Австрија, Чешка, Англија и Велс. Покрај нив нови селекции во лигата Б се Турција, Грција, Казахстан и Грузија. Во лигата Ц испаднаа Ерменија, Русија, Романија и Шведска, а ќе им се придружат Летонија и Естонија од лигата Д. Во плејаутите ќе разигруваат Литванија, Кипар, Белорусија и Гибралтар.
Македонија останува во лигата Ц по освојувањето на третото место во групата и се најде на 42-та позиција меѓу 55 земји-членки на УЕФА. Тоа значи дека Македонија ќе биде во четвртиот барабан меѓу 53-те селекции (ќе ги нема домаќинот Германија и суспендираната Русија), на ждрепката на 9 октомври во Франкфурт за составот на групите за Европското првенство (ЕП) 2024 во Германија. Македонија ќе ги избегне Грузија и Бугарија против кои играше во ЛН, Косово, Грција, Турција, Луксембург, Казахстан, Азербејџан и Фарските Острови.
УЕФА најави и дека при составувањето на групите ќе има три исклучоци. Тоа значи избегнување ризични мечеви, како на пример, Србија – Косово, БиХ – Косово, Белорусија – Украина, Гибралтар – Шпанија, играње меѓу репрезентации во евентуални зимски услови, Финска, Исланд, Норвешка, Естонија, и избегнување мечеви меѓу селекции од еден на друг крај на континентот, како Португалија – Азербејџан, Исланд – Грузија итн. Л.Д.