Како се појави оваа врска помеѓу она што стана модерен суперклуб со глобална база на симпатизери и момче од Северен Ланаркшир и викторијанските текстилни фабрики во Аиршир и Ренфрешир? Историчарите на Барселона, Мануел Томас и Мајк Робертс, објаснуваат за „Би-би-си“ како раните години на клубот имаа изразито шкотски вкус
ФУДБАЛ
Лионел Меси стана светска суперѕвезда постигнувајќи рекордни 672 гола за Барселона, но еден Шкотланѓанец го постигна првиот натпреварувачки гол на клубот, пишува „Би-би-си“. Името на Џорџ Гирван (1878-1968) засекогаш ќе биде врежано во историските книги на клубот од Ла лига поради тоа што ја погоди мрежата во Копа Макаја, во сезоната 1900/1901, прво натпреварување во Шпанија.
Но како се појави оваа врска помеѓу она што стана модерен суперклуб со глобална база на симпатизери и момче од Северен Ланаркшир и викторијанските текстилни фабрики во Аиршир и Ренфрешир? Историчарите на Барселона, Мануел Томас и Мајк Робертс, објаснуваат за „Би-би-си Шкотска“ како раните години на клубот имаа изразито шкотски вкус.
ЗОШТО БАРСЕЛОНА?
Роден во Далзиел, во близината на Мадервел, во 1878 година од родители од Аиршир, патувањето на Гирван во Шпанија почнува во текстилните фабрики „Џонстон Шилдс“ во Њумилнс. Фабриките цветаа, но имаше проблем. Фабричкиот закон од 1891 година ги ограничи часовите што децата можеа да ги работат и им забрани на жените да работат четири недели по породувањето.
Вооружени со патенти за нивниот дизајн и производство на ткаенини од чипка и препознавајќи ја зголемената важност на Барселона како европски центар за транспорт, како и нејзините помалку рестриктивни работнички закони, „Џонстон и Шилдс“ отвори фабрика во Сант Марти, тогаш северно од градот.
Компанијата испрати шкотски работници, вклучувајќи го и Гирван, за да го научат локалното население како да ги произведуваат своите производи. Гирван почна да игра фудбал за фабричката екипа ФК Ескосес („шкотскиот тим“), кој го увезе и комбинаторниот фудбал, кој беше воведен во Глазгов од Квинс Парк.
Барселона, во меѓувреме, беше основана во 1899 година, од Ханс Гампер, швајцарски бизнисмен што претходно го основал и настапувал за ФК Цирих.
– Тоа беше клуб на главно странски фудбалери богати господа – вели Томас.
Нивните градски ривали, одамна згаснатиот клуб Катала, имаа строга политика и нивниот тим беше составен од целосно локални играчи. Сфаќајќи дека мора да ја олабават својата политика за да останат конкурентни, Катала се појави на „пријателски“ натпревар во февруари 1900 година против Барселона, откако во тимот имаше не помалку од шест Шкотланѓани од тимот на Ескосес, вклучувајќи го и Гирван.
Како и да е, Барселона беше изненадена што претходно не им беше кажано за промената на трансфер-политиката на Катала и, во една лоша средба, новиот тим на Шкотланѓанецот заврши со осум играчи и пораз со 4-0. Соиграчот и сонародник на Гирван, Вили Голд, го удри во вилицата англискиот играч на Барселона, Стен Харис, што му донесе исклучување. Робертс вели дека Барселона била „морално огорчена“ и дури објавила реклама во печатот со која потврдила дека „нема да игра ниту еден натпревар против Шкотланѓани“, пишува „Би-би-си“.
Гирван, кој „можеше да игра на секоја позиција, една недела дефанзивец, следната лево крило, одличен сеопфатен фудбалер според стандардите во Барселона во тоа време“, и неговите колеги Шкотланѓани беа најдобрите играчи во градот.
ПРВ КУП, ПРВ ГОЛ
Инаугуративната Копа Макаја 1900/1901 беше првиот фудбалски турнир во Шпанија организиран од бизнисменот и фудбалски ентузијаст Алфонсо Макаја. Барселона ги изненади сите со тоа што прикриено ја укина забраната за Шкотланѓани и постави тим со тројца од нив, со Гирван како напаѓач. И не само тоа, тие ги направија Шкотланѓаните, кои претходно ги избегнуваа, почесни членови на клубот.
Натпреварот завршил со победа со 2-1 за Хиспанија, која самата играше со шест Шкотланѓани, но новопечениот противнички напаѓач од Мадервел го постигна воведниот гол и со него обезбеди место во историјата и споменување во Музејот на ФК Барселона до денес.
– Тој е легендарна фигура во историјата на клубот. Меси можеби е рекорден стрелец на Барселона, но Гирван го постигна првиот – вели Робертс.
Додека наводната неплатена сметка за бар во еден градски хотел доведе до тоа на шкотскиот контингент фудбалери на Барселона да му биде одземено членството, Томас не се сомнева во обемот на нивното наследство.
– Шкотланѓаните беа дел од заедницата од која Барселона на крајот израсна – рече тој.
Гирван, откако одамна се врати во Шкотска и стана градоначалник на Њумилнс и претседател на синдикатот на произведувачи на тантела, беше почесен гостин на натпреварот помеѓу Шкотска и Шпанија на стадионот „Хемпден парк“ во 1957 година.
Неговото најубаво сеќавање, вели приказната, не беше тоа што го постигна првиот натпреварувачки гол на Барселона, туку дека ги научи локалните фудбалери како да фаулираат, пишува „Би-би-си“. Н.М.