Македонија по третпат ќе игра со Саудиска Арабија. Првиот пат во Ријад натпреварот заврши без победник, 1-1, додека вториот пат во Абу Даби минимално славеа Саудијците со 1-0
ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА ДЕНЕСКА ВО ПРАГА ИГРА СО САУДИСКА АРАБИЈА
Сениорската фудбалска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Благоја Милевски, по собирот во понеделникот, денеска во Прага (Чешка) од 17 часот ќе одигра пријателски натпревар со соодветната селекција на Саудиска Арабија, а во рамките на подготовките за квалификацискиот дуел со Лихтенштајн (група Ј), за пласман на Светското првенство (СП) 2026, кој е закажан в недела во Скопје (18 ч.). Црвено-жолтите, според поставениот план, вчера по пристигнувањето во Прага требаше да одработат и еден тренинг.
Македонија по третпат ќе игра со Саудиска Арабија. Првиот пат тоа се случи на нивен терен во Ријад во август 2001 и заврши без победник, 1-1, додека вториот пат во Абу Даби (ОАЕ) во октомври 2022, а минимално славеа Саудијците со 1-0.
Никола Серафимов, дефанзивецот на Левски од Софија, смета дека Македонија треба да се фокусира на пријателскиот меч во Прага, а потоа во Скопје со Лихтенштајн во квалификациите за СП 2026. Тој вели дека Македонија е фаворит на хартија, но и дека во денешниот фудбал не важи тоа.
– Првиот натпревар против Саудиска Арабија ќе биде одлична можност да видиме во каква форма сме. Кога доаѓаме за настап во репрезентацијата, сите доаѓаме со посебен мотив и желба, го даваме и последниот атом од силата. Мора да се фокусираме на мечот во Прага, а потоа со Лихтенштајн. Фаворити сме на хартија, но тоа во денешниот фудбал не важи. Кога однапред ќе ги запишете трите бода, тоа никогаш не е добро. Треба да влеземе како и на сите други мечеви. Ние и овој стручен штаб никогаш не сме потцениле никого, така ќе биде и овој пат. Трите бода ни се и повеќе од неопходни. Сега сум во нов клуб, нова средина, нови почетоци. Исто како што и тука го давам максимумот, го давам и во клубот. Се надевам дека новото поглавје во мојата кариера ќе биде поуспешно од тоа што било – оптимист е Серафимов, пренесе ФФМ. Г.И.
Новески станува дел од тимот на ФФМ
Николче Новески, поранешниот македонски фудбалер што одигра 64 меча за македонскиот национален дрес, а беше и долгогодишен капитен на бундеслигашот Мајнц, станува дел од тимот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Тој е назначен за раководител на скаутинг-службата, со задача да ја координира и развива стратегијата за следење и идентификување млади таленти со македонско потекло низ Европа и светот. Новески ќе работи во координација со Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими, во насока на следење на фудбалерите, како и организирање тест-мечеви надвор од Македонија, каде што младите ќе имаат можност да се докажат, информираат од ФФМ.