ФУДБАЛ
- Се работи за млад перспективен тренер што може да го подигне нивото на репрезентацијата, истакна на вчерашниот прес, директорот на сите македонски репрезентативни селекции, Горан Пандев
Гоце Седлоски и официјално од вчера е нов селектор на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија. Тој доаѓа на местото на Благоја Милевски. Поранешниот капитен на црвено-жолтите, кој има одиграно 100 репрезентативни натпревари, сега повторно се враќа во репрезентацијата, но со поинаква и поодговорна функција. Актуелниот тренер на ФК Вардар, секако ќе биде пред најголемиот предизвик во својата тренерска кариера. Претходно тој беше в.д. селектор на еден репрезентативен меч, кога беше победена Литванија (1-0). Дебито на клупата на Македонија, Седлоски ќе го има во март, кога Македонија гостува кај Данска во баражот за Светското првенство 2026.
– Сакам да ѝ се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија за укажаната доверба. За мене ова е голема чест и најголема одговорност во кариерата. Свесен сум за очекувањата и за потенцијалот што го поседува репрезентацијата. Цел ќе ми биде да изградиме систем и селекција што ќе се бори за секоја топка и ќе го дава максимумот. Од репрезентацијата ќе барам максимален ангажман, храброст и желба на секој меч. Сакам да видам тим што ќе стои цврсто до последна минута и нема да се откажува. Верувам во квалитетот на фудбалерите, во желбата да го носат македонскиот дрес и достојно да ја претставуваат Македонија. Убеден сум дека ФФМ ќе ни даде најдобри услови, а со поддршка од најблискиот тим ќе направиме успех за нашиот национален состав – изјави Седлоски на вчерашната средба со новинарите.
На прес-конференцијата беше присутен и директорот на сите македонски репрезентативни селекции, Горан Пандев.
– Му честитам на Гоце Седлоски што е именуван за нов селектор. Благодарност и за Благоја Милевски за сѐ што направи за Македонија и за македонскиот фудбал. Седлоски го знам многу години, сме играле заедно и мислам дека е вистинскиот избор за селектор на репрезентацијата. Се работи за човек што многу му дал на македонскиот фудбалот како играч, а последните години и како тренер на екипи. Се работи за млад перспективен тренер што може да го подигне нивото на репрезентацијата. Пред сите нас следува работа, верувам во него и му посакувам успех – рече Пандев.
Свој коментар имаше и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
– Баравме селектор со фајтерски карактер, човек без страв. На репрезентацијата ѝ треба нова енергија, нешто ново за да оствариме пласман на Светско првенство. Тоа го пронајдовме кај Гоце. Веруваме дека со него можеме да ја елиминираме Данска, затоа и ги направивме овие промени – нагласи Омерагиќ. Г.И.
































