ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ НАТПРЕВАРУВАЊА
- Клубовите играат за титулите во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига, но и за пласман на клупското СП 2029, играње во повисок ранг во идната сезона на европските купови и за дополнителни места во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување
Со реванш-натпреварите неделава во Лигата на шампионите (ЛШ) продолжува трката за европскиот трофеј, кој обезбедува и настап на фудбалското клупско Светско првенство (СП), но во заднина продолжува и долгогодишната трка за место на тој планетарен шампионат преку резултатите остварени во Лигата на шампионите. Секако, и во другите два европски фудбалски купа, Лига Европа и Конференциската лига, има трка за трофеи, но и за пласман на идни натпреварувања.
Второто проширено клупско Светско првенство (играат по 32 тима) на програмата е во 2029 година и од Европа досега обезбеди пласман актуелниот европски првак, Пари сен Жермен. На тој клупски Мундијал, од Стариот Континент ќе настапат европските шампиони од 2025 до 2028 година, како и 12 екипи со најдобар ефект во тој четиригодишен циклус. За оваа табела се сметаат резултатите само во Лигата на шампионите од сезоната 2024/2025 до сезоната 2027/2028. Така, според неофицијалната табела на специјализирани интернет-страници, клубови што сега се на местата што обезбедуваат пласман на клупското СП 2029 преку ова рангирање се Арсенал, Интер, Барселона, Баерн, Ливерпул, Реал Мадрид, Борусија Дортмунд и Аталанта.
На минатото клупско Светско првенство, одиграно во 2025 година во САД, од Европа играа 12 екипи, и тоа како континентални прваци се пласираа Челси (подоцна ја освои титулата на клупското СП 2025), Реал Мадрид и Манчестер сити, а преку табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Салцбург (Австрија), Интер, Јувентус (Италија), Пари сен Жермен (Франција), Баерн, Борусија Дортмунд (Германија), Бенфика, Порто (Португалија) и Атлетико Мадрид (Шпанија).
Неделава се реваншите од осминафиналето и во другите два европски купа, Лига Европа и Конференциската лига. Таму трката е за трофејот, кој, пак, обезбедува пласман во повисоко натпреварување во идната сезона (победникот на Лига Европа ќе игра во Лигата на шампионите, а освојувачот на трофејот во Конференциската лига ќе обезбеди место во Лига Европа). Клубовите во сите три европски клупски натпреварувања играат и за зголемување на рејтингот на своите земји, што, пак, носи по едно дополнително место за две земји во Лигата на шампионите за идната сезона, според табелата на УЕФА за ова рангирање, на кое по минатонеделните натпревари водат Англија и Шпанија.
Во домашните првенства, пак, трае трката за титулите, според пласманите на клубовите пред колото викендов, на места за директен пласман во Лигата на шампионите се Арсенал, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Астон вила (Англија), Интер, Милан, Наполи, Комо (Италија), Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Виљареал (Шпанија), Баерн, Борусија Дортмунд, Хофенхајм, Штутгарт (Германија), Пари сен Жермен, Ленс, Марсеј (Франција), ПСВ Ајндховен, Феенорд (Холандија), Порто (Португалија), Унион СГ (Белгија), Славија Прага (Чешка), Галатасарај (Турција), а на европските места за настап преку табела на УЕФА се Челси и Бетис, пишува УЕФА, која неделно ја обновува оваа листа.
Вкупно 25 тима ќе се пласираат автоматски во Лигата на шампионите за идната сезона, врз основа на нивниот пласман во домашните лиги, како и победниците сезонава на Лигата на шампионите и на Лига Европа, а во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување ќе играат и седум тима преку квалификациите. Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Спортинг – Бодо/Глимт утре, 18.45 ч. (0-3)
2. Арсенал – Баер утре, 21 ч. (1-1)
3. Челси – Пари сен Жермен утре, 21 ч. (2-5)
4. Манчестер с. – Реал М. утре, 21 ч. (0-3)
5. Барселона – Њукасл среда, 18.45 ч. (1-1)
6. Ливерпул – Галатасарај среда, 21 ч. (0-1)
7. Баерн – Аталанта среда, 21 ч. (6-1)
8. Тотенхем – Атлетико М. среда, 21 ч. (2-5)
во заградите се резултатите од првите мечеви
од осминафиналето
Четврт-финале
А. Победник 3 – Победник 6
Б. Победник 4 – Победник 7
В. Победник 5 – Победник 8
Г. Победник 1 – Победник 2
Полуфинале
1. Победник А – Победник Б
2. Победник В – Победник Г































