Фото: ЕПА

Во 1993 година, 16-годишниот Роналдо изби на сцената со својата суперсонична брзина, неодгатливиот дриблинг, лизгавото движење и моќната завршница. Покрај тоа што беше еден од најголемите стрелци во историјата на фудбалот, Феноменот беше и исклучителен креатор

ФИФА МУ ОДДАДЕ ПРИЗНАНИЕ НА РОНАЛДО, НА 30-ГОДИШНИНАТА ОД НЕГОВОТО ДЕБИ ЗА БРАЗИЛ

Роналдо е еден од најдобрите досегашни експоненти на еластичниот дриблинг, протнувањето топка низ нозете и лажниот дриблинг, неговите финти беа хипнотички, со неговата ретка сила и рамнотежа што му овозможуваа да изведува потези во дуели со противниците, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА), на 30-годишнината од неговото деби за Бразил, оддавајќи му признание на легендарниот фудбалер. Роналдо е роден на 18 септември 1976 година, но неговиот извод од матичната книга на родените бил издаден четири дена подоцна кога неговите родители собрале доволно пари за да го платат.
– Докторот ме породи бесплатно, бидејќи моите родители не можеа да си дозволат породување. На крајот, татко ми собра три килограми ракчиња од плажата и му ги даде на докторот како благодарност. Ми го дадоа и името на докторот – објасни Роналдо, пренесе ФИФА.
Тој порасна поддржувајќи го Фламенго, идолизирајќи го Зико. Соња дос Сантос Барата била лута кога го затекнала нејзиниот син како прескокнува училиште за да игра фудбал на улица, но кога имал 10 години добил шанса за проба во неговиот клуб од детството. Таа позајмила пари од роднини за да плати автобуска карта за да го однесе таму.
– Имаше стотици деца. Немаше многу време за да покажеш што можеш, но направив доволно за да ме повикаат пак. Го поминав вториот тест, но мајка ми немаше начин да добие пари за да ме однесе таму третпат – рече Роналдо.
Набрзо го пронашол футсалот и бил откриен од херојот од Светското првенство (СП) во 1970 година, Жаирзињо, кој му го препорачал на неговиот поранешен клуб Крузеиро. На кратката турнеја на Крузеиро низ Португалија во 1993 година, Роналдо го одушевил скаутот на Интер. Клубот од Милано понудил 500.000 долари, а тоа било одбиено, иако агентите на Роналдо им рекоа на нероазурите дека веројатно би можеле да го ангажираат за 750.000 долари, Интер не се реши за трансфер. Тие платија светски рекорд од 27 милиони долари за Роналдо четири години подоцна, пишува ФИФА.
Во 1993 година, 16-годишниот Роналдо изби на сцената со својата суперсонична брзина, неодгатливиот дриблинг, лизгавото движење и моќната завршница. Тој постигна 12 гола во 14 настапи во Бразил и, неверојатно, осум во четири меча во суперкупот Либертадорес. Во Копа Либертадорес следната година го украси епскиот меч со Бока јуниорс со чудесен гол и на крајот постигна 56 гола во 58 средби за Крузеиро пред да му се приклучи на ПСВ Ајндховен. Карлос Алберто Пареира првпат го повика Роналдо за пријателскиот натпревар со Мексико во 1993 година, но потоа ги урна надежите на една нација следниот март, велејќи „Не можеме повеќе да повикуваме млади. Доаѓа СП. Мора да изградиме тим за тоа“, пишува ФИФА. Пареира потоа го именува Роналдо во неговиот тим за пријателскиот меч со Аргентина подоцна истиот месец. Масите обожаватели се појавија за да го видат детето што сите го нарекуваа „новиот Пеле“. Имаше многу ѕвезди на теренот, Габриел Батистута, Бебето, Кафу, Раи, Фернандо Редондо, Диего Симеоне и други, но камерите беа фиксирани на две фигури на клупата: 17-годишниот Роналдо и Диего Марадона (33). На својот прв меч како стартер, со Исланд шест недели подоцна, Роналдо го постигна својот прв гол за Бразил.

СП 1994, блесок во Барса, Ро-Ро…

– Кога го повикав, не размислував да го одведам на СП. Но тој ме импресионира толку многу што си помислив: „Морам да го земам ова дете“, и така во тимот имав пет напаѓачи – рече Пареира.
Роналдо не доби време за игра, но тој го смета за бесценето искуство.
– СП 1994 беше мојот универзитет. Да се набљудуваат Ромарио и Бебето одблиску беше непроценливо – рече тој.
Роналдо помина само една година на „Камп Ноу“. Тоа беше една од најголемите индивидуални сезони на клупскиот фудбал во 20 век. Тој постигна 47 гола на 49 меча, вклучувајќи и еден од најневеројатните досега видени, со Компостела, и ја доведе Барселона до три титули под водство на Боби Робсон.
Двајца од најголемите напаѓачи во историјата се родени со разлика од 14 години во истиот град и имаше барање да се видат како играат заедно. Кога конечно го направија тоа, не разочараа. Ромарио и Роналдо го инспирираа Бразил до титулите на Копа Америка и во Купот на конфедерациите во 1997 година, и двајцата постигнаа хет-трик на Купот на конфедерациите. Тие ја завршија таа календарска година со 16 заеднички меча и 30 гола. Роналдо потоа уживаше во исклучителната прва сезона во Интер, постигнувајќи 34 гола и беше прогласен за фудбалер на годината во Серија А. Тој го зачини тоа со една од највозбудливите изведби некогаш видени во едно европско финале, кое вклучуваше потези и прекрасен гол за трофеј во Купот на УЕФА.

Мундијали во 1998 и 2002 година

Роналдо одушеви со своите вонземски трикови, инвенција и голови додека Бразил стигна до финалето на СП 1998. На својот врв, Роналдо доживеа мистериозен напад и беше изоставен од почетните 11. И покрај тоа што ја напушти болницата само 75 минути пред да почне мечот, сепак, тој беше вратен во тимот, но беше гледач, Бразил загуби, а Роналдо, сепак, замина дома со „златната топка“, за најдобриот играч на СП.
„Затоа што сум луд“, рече Луис Фелипе Сколари за тоа зошто во неговиот тим за 17. Светско првенство го именува Роналдо, кој едвај шутна топка во претходните две и пол години, пишува ФИФА. Она што се случи во текот на еден месец на Далечниот Исток беше лудо. Роналдо постигна осум гола, вклучувајќи ги и двата во победата со 2-0 на дуелот со Германија во финалето.
– Бакнувањето на трофејот беше најнезаборавниот момент во мојата кариера. Можете да го замислите тоа 1.000 пати, но тоа е неописливо подобро отколку што некогаш сте можеле да сонувате – рече Роналдо.

Таа фризура

Имаше многу шпекулации за откачената фризура што Роналдо ја усвои пред полуфиналето на СП 2002. Некои го припишуваат полукружниот прамен коса оставен на предниот дел на инаку избричената глава на суеверие. Други сметаа дека тоа е трик да се постави тренд за економска корист. Потоа се рашири гласина дека тоа е последица на тоа што малиот син на напаѓачот Роналд го помеша Роберто Карлос со неговиот татко на телевизија. Се заклучи дека не е ништо од горенаведените, иако на Феноменот му требаа уште 15 години за да му дозволи на светот да ја открие неговата тајна.
– Сите постојано зборуваа за мојата повреда на ногата. Ми беше лошо и ми здодеа да слушам за тоа. Па така, ја истрижив косата, ги прашав соиграчите што мислат, а тие рекоа: „Ужасно е“. Помислив: „Ова може да функционира“. Секако, новинарите веднаш заборавија на мојата повреда. Сѐ што можеа да прашаат беше мојата коса. Можев да се опуштам – се сеќава Роналдо.

Овации на „Олд Трафорд“

Манчестер јунајтед загуби со 3-1 на стадионот „Бернабеу“, но беше уверен дека може да стигне до полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2002/2003. Роналдо ја уништи таа надеж, го постигна веројатно најголемиот хет-трик досега во натпреварувањето, пред да го напушти теренот во 67. минута, во победата на Реал Мадрид со 3-2.
– Додека заминував, целиот стадион стана и аплаудираше. Бев изненаден. Знам што значи овој спорт за клуб како Манчестер јунајтед. Излегуваа од ЛШ, но сите станаа и ми аплаудираа. Беше многу, многу посебно. Беше уникатно. Тоа беше еден од најдобрите моменти во мојата кариера. Секогаш ќе им бидам благодарен на тие навивачи – вели тој.
Покрај тоа што беше еден од најголемите стрелци во историјата на фудбалот, Роналдо беше и исклучителен креатор. Тој беше заеднички најдобар асистент на Копа Америка во 1997 година и на СП 1998, и забележа 11 асистенции во неговата прва сезона во Интер.
– Она што најмногу ме одушеви кај Роналдо беше тоа што тој никогаш не престануваше да ги брка дефанзивците, да ја освојува топката од нив, да ги принудува на грешки. Тој беше најдобриот играч на светот, со умешност и темпо на кои не можеш да поверуваш и трчаше наоколу како играч од англиски нисколигаш што се бори за опстанок во лига – рече Робсон. Н.М.


Цитати

Алесандро Неста: „Секогаш се чувствував многу уверен дека можам да му го отежнам животот на секој напаѓач. Потоа играв против Роналдо. Беше незапирлив. Во финалето на Купот на УЕФА во 1998 година тој направи да се чувствувам како дете. Тоа беше едно од најлошите искуства во мојот живот“.
Сандро Мацола: „Тој беше еден од најбрзите напаѓачи што сум ги видел. Тој беше еден од највештите напаѓачи што некогаш сум ги видел. Но зачудувачки беше тоа што тој можеше да дрибла додека беше во полн залет“.
Марио Загало во 1997 година: „Тој е најдобриот број 9 и најдобриот број 10 во светот“.
Роберто Карлос заврши како вицешампион во изборот на ФИФА за најдобар светски играч за 1997 година: „Прогласен сум за најдобар играч на планетата. Луѓето од другите планети не се бројат, нели?“
Лионел Меси: „Роналдо беше мојот херој. Тој беше најдобриот напаѓач што сум го видел. Беше толку брз што можеше да постигне гол од ништо и можеше да ја шутира топката подобро од кого било“.


Статистика

  • Роналдо беше избран за најпозната личност на планетата во 1998 година.
  • Диего Марадона и Роналдо се единствените играчи, по Втората светска војна, кои двапати го собориле светскиот трансфер-рекорд. Бразилецот го надмина Џанлуиџи Лентини кога замина од ПСВ во Барселона, а Алан Ширер кога се пресели од „Камп Ноу“ во Интер.
  • Пеле и Роналдо се единствените двајца играчи помлади од 18 години што го освоиле СП
  • Роналдо доби 480 гласа наспроти 85-те на вицешампионот Роберто Карлос во изборот на ФИФА за најдобар светски играч за 1997 година. Процентуалната разлика помеѓу првиот и вториот е рекорд. Феноменот стана првиот играч што ја освоил наградата трипати.
  • Бројот 9 на Барселона на сензационален начин направи 15 допири со топката за 9,6 секунди за време на неговиот впечатлив гол против Компостела.
  • Роналдо е најмладиот играч што ги освоил наградата на ФИФА за најдобар играч на годината (20 во 1996 година) и „златната топка“ на СП (21 во 1998 година), тој го држи рекордот за најмногу голови во нокаут-фазата на светските првенства, 10, а во текот на кариерата постигна неверојатни 88 гола откако го поминал и голманот.