Според списокот што го објави ФИФА, повеќето репрезентации ќе бидат во бази/хотели, но и во универзитетски сместувачки капацитети, концентрирани низ главниот град Доха

ФУДБАЛ – ЗА СП ВО КАТАР

Репрезентациите учеснички на фудбалското Светско првенство (СП) годинава во Катар ќе бидат сместени во велнес-одморалишта и во луксузни хотели, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесе агенцијата АФП. Според списокот што го објави ФИФА, повеќето репрезентации ќе бидат во бази/хотели, но и во универзитетски сместувачки капацитети, главно концентрирани низ главниот град Доха.
Турнирот треба да се игра од 21 ноември до 18 декември. Најголемиот број селекции (24) се во хотели „во радиус од 10 км еден од друг, со што дополнително се осигурува дека возбудливата атмосфера на настанот е концентрирана во и околу Доха“, соопшти ФИФА.
Бранителот на титулата, Франција, ќе биде сместен во „Ал Месила“, одморалиште во близината на Доха, кое може да се пофали со својот амбиент на „приватна палата“. Германија ќе биде во „Зулал“, со поглед на Заливот, кој се смета за најголемо велнес-одморалиште на Блискиот Исток. Мануел Ноер и соиграчите ќе бидат најдалеку од Доха, на 100 км возење до главниот град. Генералниот директор на Зулал, Даниеле Вастоло, рече дека многу тимови биле заинтересирани за одморалиштето, бидејќи тоа овозможува да бидат „во балон“ подалеку од мешаниците во Доха.
Белгија го избра „Хилтон Салва“ на спротивниот брег, кој има сопствена приватна плажа и приватен воден забавен парк. Англија ќе биде сместена во хотелот „Сук ал Вакра“, каде што се планира да се затвори дел од блиската јавна плажа. Хотелските капацитети се модифицираат, се носи дополнителна опрема за вежбање, видеоигри и друга забава за играчите.
Бразил го избра „Вестин“ во центарот на градот, во близината на главниот пат, а САД ќе бидат во квартот каде што живеат странци. Аргентина на Лионел Меси и поранешниот шампион Шпанија се одлучија за сместувања на Универзитетот во Катар, од каде што ќе можат да пешачат до тренинг-базите.
Се очекува Катар да го посетат повеќе од еден милион навивачи за време на турнирот. Некои од нив ќе бидат сместени во хотели, но многумина ќе престојуваат во поевтини монтажни апартмани и во кампови во пустината, пишува АФП. Л.Д.