Фото: ЕПА

Најпосетените 10 натпревари на европските првенства се одиграни на стадионите „Сантијаго Бернабеу“ во 1964 година, „Вембли“ во 1996-та и „Стад де Франс“ во 2016 година

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (8)

До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства

Финалето на Европското првенство (ЕП) во 1964 година помеѓу Шпанија и Советскиот Сојуз имаше најголема посетеност од сите натпревари на европските шампионати, со 79.115 гледачи, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На неколку недели до почетокот на Европското првенство годинава во Германија, во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти од минатите шампионати.
Натпревари одиграни на континенталните фудбалски првенства во 1964, 1996 и во 2016 година се вклучени во првите десет на сите времиња според посетеноста на стадионите, а вкупно 2.427.303 гледачи на стадионите имаше на Европското првенство во 2016 година, со просек од 47.594 луѓе по натпревар, што е највисока бројка од турнирот со осум репрезентации одржан во 1988 година, пишува УЕФА.
Огромните мешаници на стариот стадион „Вембли“ за време на Европското првенство во 1996 година, и на „Стад де Франс“ за шампионатот во 2016 година, беа најблиску до соборување на тој долгогодишен рекорд поставен во 1964 година. Така, по рекордот од 79.115 гледачи на финалето Шпанија – Советски Сојуз (2-1 на ЕП 1964 на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид), меѓу првите пет најпосетени натпревари на европските првенства се дуелите Шкотска – Англија 0-2 со 76.864 гледачи (групна фаза на ЕП 1996, стадион „Вембли“, во Лондон), Франција – Исланд 5-2 со 76.833 (четврт-финале на ЕП 2016, „Стад де Франс“, Сен Дени), Холандија – Англија 1-4 со 76.798 (групна фаза на ЕП 1996, „Вембли“) и Англија – Швајцарија 1-1 со 76.567 гледачи (групна фаза на ЕП 1996, „Вембли“).
Потоа на листата со публика од над 75.000 луѓе на стадион се дуелите Италија – Шпанија 2-0 со 76.165 (осминафинале на ЕП 2016, „Стад де Франс“), Португалија – Франција 1-0 со 75.868 (финале на ЕП 2016, „Стад де Франс“), Германија – Англија 1-1 со 75.862 (полуфинале на ЕП 1996, „Вембли“), Шпанија – Англија 0-0 со 75.440 (четврт-финале на ЕП 1996, „Вембли“) и Франција – Романија 2-1 со 75.113 гледачи (групна фаза на ЕП 2016, „Стад де Франс“), пишува Европската фудбалска унија.
Од друга страна, надвор од стадионите, Европското првенство одиграно во 2021 година, на пример, имаше кумулативна бројка на гледачи во живо од 5,23 милијарди, просечна публика во живо за финалето 328 милиони (израмнет рекорд со континенталното првенство во 2016 година), просечна ТВ-публика на натпревар во живо од над 100 милиони, преноси емитирани во 229 земји, над 137 радиодифузери…, пишува УЕФА. Н.М.

Идната недела: Пенали