Осумте четвртфинални натпревари во женската Лига на шампионите ги гледале 180.846 гледачи, што е историска бројка, не само за ова натпреварување туку и за женскиот фудбал воопшто
Во четвртфиналните натпревари во женската Лига на шампионите (ЛШ) имаше одличен фудбал, а беше забележана и рекордна бројка на гледачи, што ова натпреварување го однесе во нови, поголеми височини, се наведува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Сезонава во женската ЛШ беше воведена групната фаза, беше склучен и четиригодишен договор за ТВ-преноси, но посетеноста на осумте четвртфинални натпревари, која достигна 180.846 гледачи, што е историска бројка, не само за ова натпреварување туку и за женскиот фудбал воопшто, ги надмина сите очекувања. Победата на Барселона над Реал Мадрид (5-2), во реваншот на „Ноу камп“, ја проследија рекордни 91.553 гледачи, повеќе од двојно од претходниот најдобро посетен натпревар за женски фудбал под ингеренција на УЕФА. На мечот ПСЖ – Баерн Минхен (2-2) на „Паркот на принцовите“ имаше 27.262 гледачи, петти по посетеност дуел во историјата на женската ЛШ. Севкупно, ЛШ со нов формат сезонава веќе привлече 375.939 гледачи на стадионите, речиси 150.000 повеќе од претходната рекордна сезона 2016/2017. За очекување е и на полуфиналињата Барселона – Волфсбург и Лион – ПСЖ, што ќе се играат кон крајот на април, на 23 и на 24, односно на 30 април и на 1 мај, како и на финалето на стадионот на Јувентус во Торино на 21 мај, исто така да има голема посетеност.
Сите натпревари сезонава се емитуваат во живо на платформата за стриминг ДАЗН, како и на Јутјуб. Натпреварите во групната фаза имаа повеќе од 14 милиони прегледи во живо, а осумте четвртфинални натпревари привлекоа близу 11,7 милиони прегледи во над 210 земји во светот. Бројката на следбеници на официјалните интернет-платформи е зголемена за 261 отсто во споредба со истата фаза од натпреварите минатата година.
Најпосетени мечеви во женскиот клупски фудбал во Европа
– Стадион „Ноу камп“, 91.553 гледачи, Барселона – Реал Мадрид, четврт-финале, реванш 2022 година;
– „Олимписки стадион“ во Минхен, 50.212, Лион – Франкфурт, финале 2012 година;
– Арена „МСВ“, 28.112, Дисбург – Звезда, 2005 и 2009, финале, реванш
– Стадион „Франкфурт“, 27.640, Франкфурт – Умеа, финале, реванш 2008;
– Стадион „Парк на принцовите“, 27.262, ПСЖ – Баерн Минхен, четврт-финале, реванш 2022 година.