ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА ПЛЕЈОФ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

  • Првите натпревари од осминафиналниот плејоф ќе се играат на 17 и 18 февруари, а возвратните дуели на 24 и 25 февруари

Шпанскиот клуб Реал Мадрид повторно ќе ги одмери силите против португалска Бенфика, од која загуби со 2-4 пред три дена, во осминафиналето од плејофот во Лигата на шампионите (ЛШ). Тоа е епилогот од вчерашната ждрепка, која се одржа во седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во Нион (Швајцарија). Овој дуел секако претставува и најголемото дерби во оваа фаза од ова најквалитетно клупско фудбалско натпреварување.
Двојките од плејофот за осминафиналето во преостанатите дуели се: Монако – ПСЖ, Карабаг – Њукасл, Бенфика – Реал Мадрид, Боде/Глимт – Интер, Борусија Дортмунд – Аталанта, Олимпијакос – Баер Леверкузен, Галатасарај – Јувентус, Бриж – Атлетико Мадрид.
Домаќините во реванш-натпреварите ќе бидат подобро пласираните: Реал Мадрид, Интер, ПСЖ, Њукасл, Јувентус, Атлетико Мадрид, Аталанта и Баер Леверкузен. Првите натпревари од плејофот од осминафиналето ќе се играат на 17 и 18 февруари, а реваншите на 24 и 25 февруари.
Осумте првопласирани клуба по групната фаза обезбедија директно учество во осминафиналето. По редоследот на табелата, тоа се екипите на Арсенал, Баерн, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Челси, Спортинг и Манчестер сити.
Ждрепката за плејофот од осминафиналето беше полудиригирана, оти по завршувањето на групната фаза е познат целиот костур до финалето на Лигата на шампионите и нема ограничувања за вкрстување клубови од иста држава, ниту, пак, дали клубовите веќе играле меѓусебно во групната фаза. Г.И.