Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – СУПЕРКУП НА УЕФА

Победникот во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, ќе се сретне со победникот во Лига Европа, Ајнтрахт, првпат по 62 години, во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во традиционалното отворање на новата европска сезона. Мечот треба да се одигра во Хелсинки (Финска) на 10 август, пишува на официјалната интернет-страница на УЕФА. Тоа ќе биде првиот официјален натпревар помеѓу двата клуба по незаборавното финале во Глазгов, во тогашниот Куп на европските шампиони во 1960 година, кога Реал победи со 7-3 и петти пат по ред стана европски првак. Ференц Пушкаш постигна четири, а Алфредо ди Стефано три гола за „кралевите“.
За Реал ова ќе биде осми меч во Суперкупот (досега има четири победи и три порази), а за Ајнтархт прв. Во ваквите мечеви европските шампиони победија на 26 од 46-те дуели. Ова ќе биде прво финале во Финска во натпреварувањата на УЕФА за мажи. Олимпискиот стадион (36.200 места) ќе биде 10-от на кој ќе се одигра Суперкупот откако се игра само еден меч (од 1998 до 2012 година се играше во Монако), по Прага (2013), Кардиф (2014), Тбилиси (2015), Трондхајм (2016), Скопје (2017), Талин (2018), Истанбул (2019), Будимпешта (2020) и Белфаст (2021). Стадионот во Хелсинки е изграден за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1952 година. Кулата што доминира над стадионот е висока 72,71 метри, должината што ја забележал Мати Јарвинен при освојувањето на златниот медал во фрлање копје на ЛОИ 1932. Л.Д.