Несудената суперлига ја формираа 12 врвни европски клуба лани на денешен ден, но во рок од само 72 часа тој проект пропадна, откако шесте англиски клуба се повлекоа поради притисокот од Владата и бесот на навивачите

ФУДБАЛ

Пред точно една година, доцна во ноќта, на 18 април 2021 година, 12 врвни европски клуба објавија дека се основачи на новата фудбалска европска суперлига. Но во рок од само 72 часа, тој проект пропадна, откако шесте англиски клуба се повлекоа поради притисокот од Владата и бесот на навивачите. Но што ги мотивираше оние што стоеја зад неа, како и кога идејата доби сила, зошто пропадна толку спектакуларно и дали обновената Лига на шампионите (ЛШ) е суперлига со друго име? На овие прашања и дилеми се обиде да одговори националната новинска агенција (ПА) на Велика Британија и на Ирска, разговарајќи со поединци што беа вклучени во настаните од пред 12 месеци, пренесува весникот „Индепендент“.

Планирањето на суперлигата траеше три години, а се интензивира на почетокот од 2020 година, на ниво на сопственици. Тие станаа фрустрирани, гледајќи се себеси како оние што го преземаат целиот ризик со инвестициите и ја гледаа суперлигата ослободена од заканите од испаѓање, како пат кон поголема сигурност. Реал Мадрид, Ливерпул и Манчестер јунајтед беа вклучени од најраната фаза. На 20 октомври 2020 година, „Скај“ објави дека банката на Волстрит, ЏП Морган, преговарала финансиски да ја поддржи новата европска Премиер-лига со шест милијарди долари. Светската фудбалска федерација (ФИФА) и шесте конфедерации објавија заедничко соопштение во кое предупредија дека нема да признаат ниту една европска суперлига.

До крајот на март 2021, претставници на финансиерите биле задоволни со бројот на клубови што потпишале обврзувачки договори за формирање на лигата. До 15 април, за кога се очекуваше промоција на суперлигата, четири тима од Премиер-лигата веќе биле на одборот, а потоа, следниот ден станале шест. На помалку од 48 часа до јавната објава, директорите за комуникации на шесте англиски клуба имале виртуелен состанок и првпат јавно ги кажале плановите, јасно, по директива од челниците на нивните клубови. Претседателот на Јувентус и претседател на ЕКА, Андреа Ањели, релативно доцна ѝ се приклучил на суперлигата, но се смета дека тој бил клучен за објавувањето на проектот. Било планирано претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, и првиот човек на ЕКА, Ањели, да објават заедничко соопштение со што ќе ги побијат сите гласини за суперлига! Во меѓувреме12-те клуба основачи во Мадрид чекале на судските документи дизајнирани да ги заштитат од правна постапка за забрана на натпреварувањето. УЕФА и лигите биле загрижени иако до тој момент сè уште ништо не изгледало реално. Една од причините за одолжувањето на објавата за формирање суперлигата било и тоа дека повеќето клубови играле мечеви таа недела, а иницијаторите не сакале играчите и менаџерите, кои не знаеле детали за плановите, да одговараат на прашања за нешто за што немаат поим. До моментот кога 12-те клуба го објавија заедничкото соопштение, половина час пред полноќ, изјавите за осуда веќе пристигнаа од Премиер-лигата, од Фудбалската асоцијација (ФА) и од УЕФА. Никој не беше на страната на суперлигата во бурата протести што се развија следниот ден. Суперлигата уште во зачеток практично беше мртва.

Осудите дојдоа од различни страни, вклучувајќи и од британскиот политички естаблишмент. Протести се одржаа на стадионот „Иланд роуд“, каде што Лидс му беше домаќин на Ливерпул. До вторникот, 20 април, британскиот премиер Борис Џонсон ги повика навивачките групи и фудбалските власти да видат што може да се направи. Низ Лондон, навивачите на Челси протестираа против вмешаноста на нивниот клуб во суперлигата. „Сините“ први, неофицијално, најавија повлекување, пред Манчестер сити да го потврди заминувањето. До 23 часот, помалку од 48 часа откако потврдија дека се внатре, сите шест англиски клуба беа надвор од суперлигата.


Суперлига ќе биде проширената Лига на шампионите?

Ќе се врати ли повторно суперлигата? Многу инволвирани и добро упатени во оваа проблематика велат дека нема шанси таа да воскресне барем во скоро време. Но навивачите и луѓето во националните европски лиги стравуваат дека таа е тука, во рамките на реновираната ЛШ со значително повеќе натпревари, 10 наместо шест во групната фаза, и со обезбедување заштита на „паднатите“ европски гиганти преку гарантирани места од сезоната 2024/2025. Некои дури сметаат оти УЕФА ги искористила навивачите за блокирање на конкурентна закана, односно дека воопшто не се против затворена лига, туку дека едноставно не ѝ се допаѓа идејата некој друг да ја води!