Воспоставени се три кластер-региони, натпреварите во секоја група ќе се одржуваат во два кластера, што ќе ги намали патувањата за репрезентациите и за гледачите и ќе ги фаворизира патувањата со воз или со автобус од тимските бази до местата на играње на мечевите во групната фаза

ФУДБАЛ – НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2024 ГОДИНА

Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) го одобри распоредот на натпреварите за 17. Европско првенство (ЕП) во 2024 година, кое треба да се одржи во 10 града во Германија, од 14 јуни до 14 јули. Првпат во историјата на ЕП, одржливоста е вклучена како критериум во регулативите на турнирот, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Воспоставени се три кластер-региони, и тоа Север/Северо-Исток (Берлин, Хамбург и Лајпциг), Запад (Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен и Келн) и Југ (Франкфурт, Минхен и Штутгарт). Мечевите во секоја група ќе се одржуваат во два кластера, што ќе ги намали патувањата за репрезентациите и за гледачите меѓу градовите и ќе ги фаворизира патувањата со воз или со автобус од тимските бази до местата на играње на средбите во групната фаза.
Ждрепката за квалификациските натпревари за пласман на ЕП 2024 е закажана за 9 октомври во Франкфурт. Квалификациите ќе се играат од март до ноември 2023 година, а плејофот е закажан за март 2024 година. Форматот на завршниот турнир ќе биде ист како и на ЕП 2020, па, така, првопласираните две репрезентации од шесте групи, како и четирите третопласирани со најдобар скор, ќе ги продолжат натпреварите во осминафиналето.
– Уверен сум дека ЕП 2024 ќе биде многу атрактивен турнир. Некои од најдобрите репрезентации во светот ќе се натпреваруваат во земја што се наоѓа во срцето на Европа. Нѐ очекуваат одлични натпревари и возбудлив турнир од секој аспект – изјави Филип Лам, директорот на турнирот.
Девет од 10-те стадиони за ЕП 2024 се користеа и за Светското првенство (СП) во 2006 година, а нова е само арената во Диселдорф. Германија го организира ЕП во 1988 година, а и СП 1974 и СП 2006. Репрезентацијата на Германија, која директно се пласира на ЕП 2024, а како домаќин ќе настапи на 14-то последователно ЕП, победи на ЕП во 1972, 1980 и во 1996 година.


Отворањето во Минхен, а финалето во Берлин

Отворањето на фудбалското Европско првенство во 2024 година ќе биде во Минхен, а финалето ќе се игра на Олимпискиот стадион во Берлин. Домаќинот Германија ќе биде првиот тим во групата А и ќе го одигра воведниот натпревар во Минхен, на 14 јуни 2024 година. Понатамошните натпревари и термини ќе бидат објавени пред влечењето на ждрепката за ЕП, на 2 декември 2023 година, во Хамбург.