Фото: Игор Бансколиев

Од наш агол

Натпреварот во Скопје помеѓу Македонија и Бугарија, кој беше тензичен, на моменти и груб, повеќе од фудбалските случувања на теренот ќе се памети по однесувањето на домашните навивачи, кои најпрвин ја исвиркаа бугарската химна и ги навредуваа гостинските играчи. Ечеа грдите слогани од трибините на арената „Тоше Проески“ во Скопје кон бугарските фудбалери, кои ни криви ни должни го „платија цехот“ слушајќи срамни скандирања и негирања на актуелните хегемони тенденции на лидерите на нивната држава. Но што се виновни спортистите за тоа? Арената ниту беше место, ниту беше соодветно време, ниту повод за такво нешто. Зарем навивачите сметаа дека така ќе го решат проблемот?

Македонските навивачи паднаа на испитот на спортска зрелост, без потреба проработија ниските страсти и целата фрустрација поради многуте други нерешени проблеми се истури врз недолжни плеќи.

Се чини пропуштивме да им покажеме и ним и на светот дека знаеме достоинствено да се поставиме дури и во најтешките моменти. На политичкото насилство требаше да одговориме со мирно и достоинствено навивање, со бодрење на нашите фудбалери, на нашиот фудбал, на нашата нација. Сепак, проблемите меѓу двете држави ќе се решаваат таму каде што и се создадоа, на зелените маси, а не на зелениот терен или околу него.

По натпреварот се огласи и Министерството за надворешни работи (МНР) на Македонија, кое ги осуди свирежите и скандирањата против Бугарите. Од македонското МНР велат дека спортските настани треба да претставуваат највисок израз на принципите на фер однос и дека двете земји и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи. Принципиелно се огласи лично и премиерот Димитар Ковачевски, кој смета дека бодрењето на сопствениот тим, со почитување противниците, е најдобриот начин да се навива на спортските натпревари.

Ако се има предвид актуелната бугарска негаторска политика кон Македонија не изненадува реакцијата на лидерите на бугарските партии на кои практично, нашите навивачи „им завршија работа“ при што „им легнаа“ случувањата во Скопје и реагираа во својот познат стил. Поранешниот премиер Бојко Борисов рече дека со ваквите постапки „соседите од Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности“. А за говорот на омраза и навреди од многу јавни личности од политиката во Бугарија не вреди ни за се пишува. Навистина, тоа е целосна ерозија на политичката комуникација со јавноста.

Но од друга страна, пак, она што вреди да се издвои е реакцијата на Ивајло Мирчев (политичар од партијата Демократска Бугарија), кој ги осуди свирежите и ги префрли на полето на вообичаена ситуација на спортските терени, а и ги иронизираше изјавите на Борисов, на Трифонов и на другите уште повжештени глави.. Но, за жал, и тој провокативно, во својата изјава на добра мисла, непотребно публиката ја нарекува „северномакедонска“… Којзнае дали тоа го направил принципиелно или, пак, за домашната политичка сцена во пресрет на изборите. Сепак, тој заклучува дека на многу стадиони, меѓу кои и на бугарските, се случува да се исвиркуваат химни на други земји и побара да се направи разлика од навивачките групи на стадионите од официјалната политика на државата… Конечно, од двете страни има разбирање дека ова не е „смртен грев“ на група навивачи, но е апел да запре веќе ваквиот „трансфер на политика и на едната и на другата страна, од областа на спортот, културата, образованието“…


За нешто ќе молчи, а за друго не може да премолчи министерот Османи?!

Принципиелна осуда имаше нашето МНР за вчерашниот инцидент, односно за скандирањето на навивачката група на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Македонија. Имаше МНР и претходно осуда за палење на влезната врата на бугарскиот клуб во Битола, за оштетување на јарболот пред конзулатот во Битола… и тоа е во ред.

Меѓутоа, она што не е во ред е што во голем дел изостануваат или се забораваат реакции и осуди од страна на официјалните државни институции, односно МНР, за настани и провокации на сметка на македонската историја, култура, јазик, идентитет сторени од опскурни центри од каде што се управуваат, инспирираат, организираат и извршуваат противправни дејства од Софија.

Ако се држи министерот Османи барем малку до принципи, за кои милува да каже дека ги почитува, тогаш треба да знае дека принципиелната осуда сама по себе, за да биде целосно принципиелна, за да биде правична и симетрична, треба да ја искаже јасно и гласно! Да осуди за дискриминаторскиот говор, говорот на омраза и навредите што го шират и практикуваат бугарските шовинисти и иредентисти. Се разбира, и бугарски државни функционери, вклучувајќи го и европратеникот Ангел Џамбаски. Тие провокациите се страшни и недозволиви. И треба да бидат осудени! А од министерот за надворешни работи, досега за ова – само молк!

Зошто и во тие случаи министерот избегнува своја јавна реакција?! Па ако станува збор за принципиелност, таа треба да се покаже во полн капацитет, а не како досега и како што знае тој: анемично и асиметрично… Често и заборавно…
Тогаш, министре, се разбира дека лавовскиот дел од јавноста ќе констатира дека кај првиот човек на МНР не станува збор за принципиелност, не станува збор за патриотизам, не станува збор за (силно) изразена волја за заштита на нацијата, државата и територијалниот интегритет и суверенитет. Напротив. Да не ве чуди зошто јавноста (ќе) се сомнева во вашите добри, визионерски и просперитетни намери за Македонија и македонскиот народ. Земете го токму последниов пример предвид. Реагирајте барем онака, во најмала рака, како што принципиелно реагираше вашиот шеф, премиерот Ковачевски. Или можеби друг човек во друг центар го сметате за ваш шеф?!

Рубрика Спорт