Се надевам дека ќе биде инспирација за младите генерации, изјави Дарко Панчев на промоцијата на книгата. „Панчев е знаменита личност, која треба да се почитува, памети, личност што остави големи траги не само во македонскиот, порано југословенскиот, и во светскиот фудбал туку воопшто во македонската историја, рече авторот на книгата Зоран Михајлов

Благодарам на сите што дојдовте, благодарам на играчите од мојата генерација во Вардар, без нив не би бил тоа што сум. Му благодарам на спортскиот доајен Зоран Михајлов, му помагавме колку што можеме, а тој со своето искуство направи една убава книга, која ќе биде интересна за читање. Мислам дека доста работи се опфатени, има многу интересни работи. Се надевам дека ќе биде инспирација за младите генерации, изјави Дарко Панчев на промоцијата на авторизираната биографија на македонската фудбалска легенда од авторот Зоран Михајлов.
Панчев настапуваше за Вардар, Црвена звезда, Интер, Лајпциг, Фортуна Диселдорф и за Сион, а тој, меѓу другото, е светски и европски клупски првак со Црвена звезда од 1991 година, освојувач на „златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа во една сезона и на „сребрената топка“ во изборот на најдобри фудбалери во Европа во една година, прогласен е за фудбалер на векот во Македонија…

Книгата, чија уредничка е Бисера Бендевска, во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, беше промовирана во средата во „Литература.мк“, во присуство на многубројни гости, спортски легенди, новинари… Промотори на авторизираната биографија на Панчев беа Васил Рингов и проф. д-р Љубомир Кекеновски.
– Панчев е знаменита личност, која треба да се почитува, памети, личност што остави големи траги не само во македонскиот, порано југословенскиот, и во светскиот фудбал туку воопшто во македонската историја. Чест ми е што бев определен од „Арс ламина“ да бидам автор на оваа автобиографија, благодарам за големата помош – рече Михајлов. Н.М.