Димовски беше прв од тренерите во нашата средина што со голем ентузијазам, во почетокот на овој век, почна да го промовира женскиот фудбал

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (242) Добре Димовски (2)

Фудбалските љубители во Македонија добро знаат кој е Добре Димовски и кои беа, а и сѐ уште се неговите активности во фудбалскиот спорт. Минатиот пат пишував за неговата играчка кариера, која се одвиваше речиси во сите најпознати македонски клубови, за да заврши со едногодишен престој во Торонто, во клубот на нашите иселеници. Кога конечно се збогува со активното играње, тој не можеше без фудбалот и се посвети на тренерската работа. За овој позив, Добре имаше голема желба и афинитет, а што е многу битно, имаше акумулирано богато искуство од секојдневните тренинзи со легендарните македонски фудбалски имиња, како што беа Љубомир Цветковски-Жмара (многу години прв голман на Вардар), потоа Тодор Балевски-Велфл (истакнат фудбалер и тренер, татко на Ванчо и на Иле, од кои првиот израсна во врвен играч со меѓународна кариера), Урош Петровски и уште неколкумина, кои беа на кормилото на клубовите за кои настапуваше. Сепак, првото искуство го имаше со Илеш Шпиц, од кого практично при едно селектирање деца за школата на Вардар, во 1959 година, беше откриен како фудбалски талент.
– Тој момент, кога Шпиц дојде кај мене и ми рече дека сум примен во вардаровата пионерска школа, никогаш нема да го заборавам. Тоа за мене беше како да добив крилја и мислев оти од радост ќе полетам. Штом Шпиц ме забележал, си помислив, значи има нешто кај мене и ќе треба да се трудам да покажам дека легендарниот тренер не згрешил. Така почнав со мојата фудбалска кариера, која подоцна течеше без прекин 12 години, период во кој поминав речиси низ сите познати наши клубови – се сеќава и денес Добре.

НЕЗАБОРАВНАТА ШКОЛА НА ВЕЛФЛ

Кога Димовски се определи да биде тренер, тоа им го соопшти на луѓето од Работнички, клуб за кој извесен период настапуваше во Македонската лига. Тие без колебање му ја отворија вратата, не само затоа што некогаш бил нивен член, туку поради фудбалското искуство, а и знаењето што го имаше стекнато во Фискултурното училиште.
– Во Работнички се задржав кратко време. Желбата да бидам самостоен тренер ме тераше да одам кон нови предизвици. Така, се отворија нови можности и кариерата ја продолжив во Македонија Ѓорче Петров – вели Добре.
Меѓутоа, она што му останува во најубав спомен како играч беше времето во ФЦУ. Таму не само што тренираше во една здрава средина туку се чувствуваше најбезбедно.
– Цементарницата „Усје“, која ни беше главен спонзор, правеше сѐ клубот што го зеде под свој патронат да нема никакви проблеми. Во тоа време, мора да кажам, оти тешко се наоѓаше некоја фирма што прифаќаше максимално да се грижи за некој клуб. Но, ете, таа љубов во цементарницата „Усје“ постоеше. Со оглед на тоа што клубот имаше сопствен стадион, станува јасно со колкава сериозност челните луѓе во фабриката приоѓаа кон својот фудбалски клуб. Ние тренерите немавме никакви проблеми и околу реализацијата на програмата за подготовки. ФЦУ имаше и свои објекти, хотели во кои можевме да одиме по неколку дена и да се подготвуваме како сите клубови што имаат амбиции да бидат меѓу најдобрите во својата средина. Најчесто се сместувавме во одморалиштето на ФЦУ во Маврово, а чести гости бевме и во Мрдаја во Дојран. Во овој клуб, да бидам искрен, и најмногу научив за тренерската работа. Заслуга за тоа имаше тренерот Тодор Балевски-Велфл. Тој почувствува оти кај мене постои желба еден ден да бидам тренер, па често ми даваше да ги водам тренинзите. Бев нешто како негов помошник, а тој од страна нѐ следеше и кога ќе требаше да интервенира го прекинуваше тренингот. Она што тој го кажуваше јас го впивав и го сместував во мојата меморија. Подоцна, кога станав прв тренер на повеќе екипи, често се сеќавав на советите на Велфл и по негов терк често ги реализирав тренинзите. Тоа беше онаа незаборавна школа на Велфл. Беше голем како тренер, но и како човек – вели тој.

ГЛАВЕН НА СИТЕ ЖЕНСКИ ФУДБАЛСКИ СЕЛЕКЦИИ

Добре Димовски својот сублимат од тренерското искуство подоцна го пренесуваше и во другите клубови каде што работеше, Балкан, Слога, Маџари, Саса, Рудар, Борец, Куманово, Гостивар и Осогово. Меѓутоа, она што е карактеристично за него е што тој беше еден од првите тренери што со голем ентузијазам ширум ја отвори вратата на женскиот фудбал во Македонија. Токму со тие активности, околу промоцијата на фудбалската игра кај женската популација, стана познат и надвор од границите на нашата земја. Тука, практично, најмногу се вгради во најпопуларниот спорт. Тој беше првата моторна сила, која поттикна многу активности, беше иницијатор за формирање женски клубови во повеќе градови, а беше и првиот селектор на репрезентацијата на Македонија. Стигнуваше насекаде, ништо не смееше да му побегне од вид, па така, тој командуваше со сите женски фудбалски селекции.
– Од првите години на овој век, па до декември 2014 година бев одговорен за сите женски фудбалски селекции на Македонија. Конечно, кога почувствував дека треба да им се даде шанса на помладите, се повлеков, токму кога по 100-ти пат ја водев репрезентацијата. Тогаш во моја чест ФФМ организира меч помеѓу актуелната и првата македонска женска сениорска селекција. Тоа беше емотивен момент, но знаев дека и покрај ова простување од селекторската функција и понатаму ќе останам во женскиот фудбал. Сега, благодарејќи на искуството и начинот на кој како педагог комуницирам и ги убедувам, денеска има многу девојчиња што сакаат да заиграат фудбал. За таа цел, во рамките на ФФМ заживеа Академијата за женски фудбал, низ која секоја година поминуваат близу седумдесетина девојчиња. Добро е вака да се продолжи, зашто тоа е единствен начин да им го привлечеме вниманието на младите и да го кренеме квалитетот на женскиот фудбал – вели Добре.

ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ

Она што некој го создавал на кое и да е поле, не треба да се заборави. Затоа, Добре Димовски за местото што го имаше и уште го има во женскиот фудбал во Македонија ќе остане забележан и ќе влезе во нашата фудбалска историја. Кога на ова ќе се додаде оти низ неговата фудбалска школа поминаа многу момчиња и девојчиња, ќе стане јасно за каква легенда станува збор.
– Јас сето ова што го правев, а го правам и сега, сето тоа е од љубов и задоволство кон фудбалот. Замислите колку бев среќен кога на Македонија ѝ се довери организацијата на Европското првенство за фудбалерки до 19 години. Тоа беше вистински спектакл за публиката, зашто многу од тие девојчиња што продефилираа на нашите терени сега се носители на играта на сениорските репрезентации на своите земји. Кога ќе гледате некој фудбалски пренос од ЕП или од СП или, пак, од олимпијада, ќе се потсетите дека многу од тие фудбалерки истрчаа и на нашите терени. Тие не се членки на некои репрезентации аутсајдери во женскиот фудбал, туку напротив, во шампионски селекции како што се Англија, Шпанија, Италија, Франција, Шкотска, Холандија и Германија. За жал, ние и покрај желбата немаме сили да бидеме приближно како нив, зашто кај нас треба да се сменат сфаќањата за женскиот фудбал, кој во светот еднакво е ценет како машкиот. Но јас како човек од овие простори ја разбирам ситуацијата и знам дека во нашите градови со крајни напори се одржуваат машките клубови, кои имаа долга и богата традиција, а за женскиот фудбал, за жал, нема пари. Можеби еден ден и кај нас работите ќе се сменат кон нешто позитивно што се однесува до женскиот фудбал – вели Димовски.
Ете, тоа беше записот од мојот бележник за Добре Димовски, кој целосно, па може да се каже со сето семејство е посветен на спортот. Да не заборавиме дека и неговиот син Ванчо, кој растеше и се развиваше во еден семеен спортски амбиент, беше врвен ракометар и многу години член на репрезентацијата на Македонија. Тој беше во составот на националниот тим, кога на ЕП 2012 во Србија го постигнавме најголемиот успех и бевме петти во Европа.