Со доминација на играчи како Џамал Мусиала, Џуд Белингем и Ламин Јамал во раните фази на турнирот, првата тема на ЕП 2024 е јасна, пишува „Индепендент“. Поголемиот дел истакнати фудбалери на ЕП 2024 се играчи што уште ги исполнуваат условите да играат за селекциите до 21 година или за помлади

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Кога Јулијан Нагелсман седна со Џамал Мусиала (21) откако стана селектор на Германија, тој повтори совет што му го дал на плејмејкерот кога беа заедно во Баерн, да продолжи да игра како да се враќа на мал терен и се забавува, а тоа беше пред само неколку години и тоа ги прави зборовите уште повпечатливи, со оглед на тоа што тој сега без напор ја осветлува најголемата сцена во европскиот фудбал, пишува британски „Индепендент“.
Поголемиот дел истакнати фудбалери на Европското првенство што е во тек во Германија се играчи што уште ги исполнуваат условите да играат за селекциите до 21 година или за помлади. Меѓу нив Џуд Белингем има 20 години, соиграчот на Мусиала и стрелец на воведниот гол на ЕП 2024, Флоријан Вирц, има 21 година, стрелецот на можеби најдобриот гол Арда Ѓулер од Турција има 19 години, Шпанецот Ламине Јамал стана најмладиот фудбалер што заиграл на ЕП со само 16 години и одушеви заедно со 21-годишниот Нико Вилијамс во давањето нов интензитет на Шпанија, а во меѓувреме 18-годишниот Ворен Заир-Емери се смета за повеќе од подготвен да влезе во Франција на Дидие Дешам, што би било речиси незамисливо во времето на Дешам како играч, пишува „Индепендент“.
Таа ера, секако, имаше свои млади сензации, не само Вејн Руни и Кристијано Роналдо, но бројот на сегашни стартери укажува на нешто повеќе. Овие млади играчи ја искористија шансата на начин на кој многумина се надеваа, но не очекуваа. Тие веќе играат како да е ова нивно ниво, затоа што и е. Ако тоа звучи како елементарна поента, ќе ги изненади тренерите од пред 20, па дури и 10 години.
Стандардното гледиште беше дека меѓународниот фудбал е ниво на кое играчот мора да се искачи и дека нивниот врв е средината на дваесеттите години, а таа возраст се сметаше за златна рамнотежа помеѓу физичката моќ и доволното искуство, пишува „Индепендент“. Просечната возраст на официјалниот играч на европските првенства во овој милениум е нешто повеќе од 27 години. На пример, најдобриот во 2012 година, Андрес Иниеста, во 2008-та Чави и во 2000 година Зинедин Зидан имаа по 28 години, пишува „Индепендент“.
За ЕП 2000, на пример, Кевин Киген дури предизвика возбуда кога сугерираше дека 18-годишниот Џо Кол може да има шанса да влезе во игра. Нов возбудлив преседан беше направен од друга сензација, Мајкл Овен, две години претходно. Овие денови нема чекање. Како што можеме да видиме од некои од имињата летово, некој од тие таленти би бил директно уфрлен. Поедноставена поента е дека ова ги следи пошироките трендови на клупската игра, но ова е редок случај кога меѓународен турнир артикулира нешто поголемо. ЕП 2024 дестилираше неколку карактеристични трендови, кои беа евидентни, но уште не целосно забележливи, пишува „Индепендент“.
Тоа веќе беше сѐ повидливо на трансфер-пазарот, каде што најголемите клубови почнаа да ангажираат помлади. Треба само да се погледне Реал Мадрид, кој веќе ги има Белингем и Ѓулер, пишува „Индепендент“. Најнепосредно објаснување за ова е тактиката што ја води модерната игра: пресинг. Младите играчи едноставно имаат повеќе енергија за тоа, тоа е исто така нешто што Реал Мадрид одамна го сфаќа и во кое се истакнува, тоа е и она што тренерите како Лучијано Спалети го мислат кога зборуваат за „интензитет“, не се работи веќе за темпото, станува збор за времето на реакција и за брзината, а тоа бара и повеќе од младешки поттик, потребно е подлабоко разбирање за тоа што значат тренерите, пишува „Индепендент“. Тоа го носи модерниот академски систем. Играчите како Мусиала и Белингем се директен производ на тоа, а не само во техниката. Така се движи фудбалот, а реинтерпретацијата на Пеп Гвардиола за пресингот постепено создава многу покомплексен спорт, пишува „Индепендент“.
Модерните играчи мора да го научат тоа што сега во суштина се „упатства“. Природно, уште подобро е ако тие се вкоренети во тоа, откако веќе имаат многу основи. Имаат енергија и разбирање. Некои во фудбалот посочија на Тур де Франс. Победниците стануваат помлади, во основа обучени со професионални програми. Фудбалот со академиите е сличен, играчите ќе имаат многу повеќе минути на многу помлада возраст, а сето тоа додека носат многу поголема одговорност, пишува „Индепендент“. Н.М.


ФУДБАЛ – ЕП 2024

Филкруг е во врвот на две листи со стрелци

Германскиот фудбалски репрезентативец Никлас Филкруг со два гола водеше на две листи на стрелци на Европското првенство (ЕП) во Германија, по мечевите во неделата. Тој беше на делба на првото место на официјалната листа на стрелци на ЕП 2024, заедно со Гиорги Микаутадзе од Грузија, Џамал Мусиала од Германија и со Иван Шранц од Словачка. Филкруг сам водеше на неофицијалната листа на стрелци на голови постигнати од фудбалери што во игра влегле од клупата за резервни играчи. Н.М.


ЕП 2024

Група А
Швајцарија – Германија 1-1
Шкотска – Унгарија 0-1
ТАБЕЛА
Германија 3 2 1 0 8-2 7
Швајцарија 3 1 2 0 5-3 5
Унгарија 3 1 0 2 2-5 3
Шкотска 3 0 1 2 2-7 1

Група Б
Албанија – Шпанија синоќа
Хрватска – Италија синоќа

ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 0 4-0 6
Италија 2 1 0 1 2-2 3
Албанија 2 0 1 1 3-4 1
Хрватска 2 0 1 1 2-5 1

Група Ц
Англија – Словенија 21 ч.
Данска – Србија 21 ч.
ТАБЕЛА
Англија 2 1 1 0 2-1 4
Данска 2 0 2 0 2-2 2
Словенија 2 0 2 0 2-2 2
Србија 2 0 1 1 1-2 1

Група Д
Холандија – Австрија 18 ч.
Франција – Полска 18 ч.

ТАБЕЛА
Холандија 2 1 1 0 2-1 4
Франција 2 1 1 0 1-0 4
Австрија 2 1 0 1 3-2 3
Полска 2 0 0 2 2-5 0

Група Е
Словачка – Романија утре, 18 ч.
Украина – Белгија утре, 18 ч.

ТАБЕЛА
Романија 2 1 0 1 3-2 3
Белгија 2 1 0 1 2-1 3
Словачка 2 1 0 1 2-2 3
Украина 2 1 0 1 2-4 3

Група Ф
Грузија – Португалија утре, 21 ч.
Чешка – Турција утре, 21 ч.
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 5-1 6
Турција 2 1 0 1 3-4 3
Чешка 2 0 1 1 2-3 1
Грузија 2 0 1 1 2-4 1

ОСМИНАФИНАЛЕ
Германија – второпл. Ц 29.6
Швајцарија – второпл. Б 29.6
Шпанија – трет од А, Д, Е или Ф 30.6
Победник Ц – трет од Д, Е или Ф 30.6
Португалија – трет од А, Б или Ц 1.7
Второпласиран Д – второпл. Е 1.7
Победник Е – трет од А, Б, Ц или Д 2.7
Победник Д – второпл. Ф 2.7