ФУДБАЛ – ЗАВРШИ ЛЕТНИОТ ПРЕОДЕН РОК

Во летниот преоден рок, кој заврши на 1 септември на полноќ, англиските премиерлигаши потрошија околу 1,9 милијарда фунти (2,2 милијарди евра) и го соборија претходниот рекорд од 1,4 милијарда фунти (1,62 милијарда евра) во 2017 година. Челси потроши повеќе пари во еден преоден рок од кој било друг клуб во историјата на Премиер-лигата, Манчестер јунајтед го урна сопствениот рекорд на трошење, а Нотингем форест ангажира повеќе играчи за едно лето од кој било друг британски клуб досега, пишува „Би-би-си“.
Девет од 20-те клуба потрошија повеќе од 100 милиони фунти (116 милиони евра), а заедничкиот трошок на 20-те клуба летово беше поголем за 67 отсто од ланските 1,1 милијарда фунти (1,27 милијарди евра). Нето-трошењето за трансфери на клубовите за првпат надмина една милијарда фунти.
Клубовите од Премиер-лигата потрошија повеќе пари од оние во шпанската Ла лига, во италијанската Серија А и во германската Бундес-лига заедно! Според фирмата за финансиски услуги „Делојт“, бруто-трошоците во петте најголеми европски лиги, во Премиер-лигата, Ла лига, Серија А, Бундес-лига и Лига 1 се зголемиле за 52 отсто, на 3,88 милијарди фунти (4,5 милијарди евра). На премиерлигашите отпаѓаат 49 отсто од тие трошоци, што е највисок процент по летото во 2008-та и е речиси трипати поголем од вториот најголем трошач, Серија А со 646 милиони фунти (748,7 милиони евра). Клубовите од Премиер-лигата ангажираа 169 играчи, што е повеќе во споредба со летото во 2021-та (148) и од летото во 2020-та (132). На последниот ден од преодниот рок, 14 од 20-те клуба ангажираа барем по еден нов играч.
– Рекордното ниво на трошење во овој преоден рок е јасен показател за самодовербата на клубовите од Премиер-лигата, бидејќи навивачите се враќаат на стадионите и започнува нов циклус на ТВ-преноси. Во Премиер-лигата сега е нормално клубовите да потрошат значителни суми пари за да ги максимизираат перформансите – вели Тим Бриџ, финансиски стручњак во „Делојт“.
На почеток на новата ера во Челси, американскиот милијардер Тод Боли, кој го купи клубот од Роман Абрамович, потроши повеќе од 250 милиони фунти (290 милиони евра) за Рахим Стерлинг, Марк Кукурела, Калиду Кулибали и Пјер Емерик Обамејанг, што е второ најголемо летно трошење на кој било клуб во светот, по она на Реал Мадрид во 2019 година (338,4 милиони евра). Манчестер јунајтед го собори сопствениот рекорд на трошење и се најде на второто место. Тие ги купија Каземиро, Кристијан Ериксен и Лисандро Мартинез, а трансферот на Антони на последниот ден им ги зголеми вкупните трошоци на околу 214 милиони фунти (248 милиони евра), што е четвртото најголемо летно трошење на еден клуб во Премиер-лигата.
Ова беше и лето на напаѓачите, кои направија неколку големи трансфер-зделки. Меѓу нив се издвојуваат оние на Ерлинг Холанд во Манчестер сити, на Дарвин Нуњез во Ливерпул, на Габриел Жесус во Арсенал, на Џанлука Скамака во Вест хем и на Александар Исак во Њукасл, од кои последните две се рекордни клупски зделки.
Нотингем форест се врати во Премиер-лигата за првпат по 1999 година и судејќи според нивниот летен шопинг тие се решени да останат таму. „Шумарите“ ангажираа дури 21 нов играч и го соборија британскиот рекорд за најмногу засилувања во една сезона. Според „Трансфермаркт“, претходен англиски рекордер беше Кристал палас со 17 засилувања во летото 2013 година. Л.Д.


Најголеми трошаџии во Премиер-лигата

Челси 251 милион фунти (290 милиони евра)
Манчестер јунајтед 214 (248)
Вест хем 163 (190)
Тотенхем 152 (176)
Нотингем форест 145 (168)
Манчестер сити 125 (145)

(извор: Трансфермаркт)