Фото: ЕПА

Тимовите рангирани од првото до четвртото место ќе играат дома во реваншите во осминафиналето и во четврт-финалето, ако се пласираат, а екипите на првите две места исто такa, ќе имаат предност да играат дома во реваншот на полуфиналето, пишува ЕСПН

ФУДБАЛ – ВО НОВАТА СЕЗОНА НА ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги потврди новите правила за распределба на носителите за нокаут-рундите во Лигата на шампионите, пишува ЕСПН. Во мај беше објавено дека правилата ќе бидат изменети од сезонава, при што местото каде што ќе се игра реваншот ќе се одредува според заслуги, а не според ждрепка.
УЕФА одлучи да им даде приоритет на тимовите што завршиле на првите четири позициите или на клубовите што би ги елиминирале, пишува ЕСПН. Тимовите рангирани од првото до четвртото место ќе играат дома во реваншите во осминафиналето и во четврт-финалето, ако се пласираат. Екипите рангирани на првите две места исто така имаат предност да играат дома во реваншот на полуфиналето.
Вкупно 29 тима директно се пласираа во лигашката фаза на Лигата на шампионите за сезоната 2025/2026, а преостанатите седум места се обезбедуваат преку квалификациите.
Преку пласманот во домашните фудбалски првенства во минатата сезона место во Лигата на шампионите во идната сезона обезбедија Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити, Челси, Тотенхем, Њукасл, Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Атлетик Билбао, Вилјареал, Наполи, Интер, Аталанта, Јувентус, Баерн, Баер, Ајнтрахт, Борусија Дортмунд, Пари сен Жермен, Марсеј, Монако, ПСВ Ајндховен, Ајакс, Спортинг, Унион Сен-Жилоаз, Галатасарај, Славија Прага и Олимпијакос
Од минатата сезона во лигашкиот дел настапуваат 36 тима, по осум кола првопласираните 24 екипи ја продолжуваат европската сезона, и тоа најдобрите осум директно во осминафиналето, а тимовите од деветтото до 24-то место на табелата прво играат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри. Ждрепката за лигашката фаза на Лигата на шампионите за сезонава треба да биде влечена на 28 август.
Промената на регулативата ќе важи за сите клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија, и тоа Лигата на шампионите, Лига Европа, Конференциската лига и Лигата на шампионите за жени, пишува ЕСПН. Н.М.