ФУДБАЛ
Според информациите, има идеја во квалификациите за ЕП 2028 во групите да нема повеќе од пет репрезентации, а повеќе натпревари да бидат воведени во Лигата на нациите
Квалификациските групи за пласман на европските првенства за фудбалери треба да бидат ограничени на не повеќе од пет репрезентации веќе од тие за турнирот во 2028 година, а повеќе натпревари ќе бидат воведени во Лигата на нациите, објави новинската агенција ПА, пренесе британски „Индепендент“. Според информациите, има и предлог за воведување натпреварување во Лига на нациите за фудбалерки од следната година, кое ќе се одвива заедно со квалификациите за женското Европско првенство (ЕП) во 2025 година.
Сега изгледа сигурно дека машкото ЕП 2028, сепак, ќе биде турнир со 24 репрезентации, откако плановите за проширување на 32 биле напуштени, пишува „Индепендент“. Групите во квалификациите за ЕП 2028 би вклучувале четири или максимум пет селекции, а тоа е предмет на одобрување од Комитетот за натпревари на репрезентации на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Извршниот комитет.
Тоа би оставило простор за проширување на Лигата на нациите, каде што репрезентации со слично рангирање играат едни против други. Лигата на нациите првпат беше воведена во 2018 година за да го замени најголемиот дел од меѓународните пријателски натпревари и се покажа како хит и кај публиката и кај радиодифузерите, пишува „Индепендент“.
Во квалификациите за ЕП 2024 има седум групи со по пет репрезентации и три групи со по шест селекции. Откако се игра ЕП со 24 репрезентации, во квалификациите за ЕП 2016 имаше вкупно девет групи, од нив осум со по шест репрезентации и една со пет, четири години подоцна се играше во 10 групи (пет со по пет, а пет со по шест селекции). Со идејата за квалификациите за ЕП 2028 во групите да има најмногу по пет селекции, тогаш би имало меѓу 10 и 12 групи, во зависност и од тоа колку домаќини ќе има на тоа континентално првенство, кои нема да играат во тие квалификации (една кандидатура, на пример, има пет репрезентации, заедничката на Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска и на Република Ирска). УЕФА има 55 членки. Претходен пат кога во квалификациските групи имаше по четири или пет репрезентации беше за циклусите за ЕП од 1980 до 1992 година, а од групите (по седум) само победниците се пласираа на шампионатите во 1980, 1984, 1988 и во 1992 година. Г.М.